Што треба да знаете за предавање на бизнисот на следната генерација

32

tatko-i-sin

Фото: Pixabay

Да се предаде фамилијарниот бизнис на следната генерација е желба на многу претпримеачи кои сакаат да видат како она што го започнале ќе продолжи во рацете на нивното поколение.

Сепак искуството покажало дека процесот може да наиде на многу предизвици. Статистиката вели дека само 30% од бизнисите ги наследуваат следните генерации.

Не ги држете “уздите” премногу силно

Честопати основачите на бизнисот сакаат да имаат преголема контрола врз сè што се случува. Затоа понекогаш и не им дозволуваат на децата да го кажат своето мислење или да направат конкретен чекор во работењето. Токму поради тоа автократско однесување и големата желба да биде по нивно, на основачите тешко им оди предавањето на бизнисот. Експертите велат дека тоа е погрешно и ги советуваат претприемачите да се ослободат од преголемата желба за контрола ако сакаат предавањето на бизнисот да биде успешно.

Презимето не значи ништо

Само затоа што го носите презимето на вашиот татко/мајка, не значи дека веднаш треба да го наследите фамилијарниот бизнис и да седнете на директорската фотелја. Претприемачите треба да постават одредени услови за своите деца од чие исполнување ќе зависи и нивното учество во бизнисот. Може да биде корисно и доколку поработат надвор од фамилијарниот бизнис. Така, ќе донесат едно ново искуство во компанијата на своите родители.

Како да се создаде желба?

Понекогаш и покрај желбата за преземање на фамилијарниот бизнис, децата едноставно не се заинтересирани. Експертите велат дека ова често се случува кога основачите преземаат целосна контрола во нивни раце или пак се толку зафатени со бизнисот што едноставно немаат време за фамилијарни дружења. Тоа е честа причина децата уште од рана возраст да создадат одбивност кон бизнисот и да не сакаат да се приклучат кон истиот кога ќе дојде време. Затоа, важно е младите да се воведат во бизнисот на позитивен начин којшто подоцна ќе ја поттикне желбата да го наследат. Предавањето на бизнисот не е настан, тоа е цел комплексен процес којшто почнува со градење на работна етика и бизнис-ориентирано размислување.

Градење на вештини

Една од најголемите грешки во фамилијарните бизниси е тоа што основачите се премногу зафатени со развој и градење на компанијата што забораваат да ги градат вештините на нивните наследници. Задачите и обврските треба да бидат заеднички, а за да можат и децата да се вклучат потребно е да им се покаже како. Затоа редовни состаноци и воведувања во бизнисот и предизвиците на работењето се клучни за градењето на вештините. Идните генерации мораат да ги знаат и силните и слабите страни на бизнисот за да можат спремно да ја превземат палката кога ќе дојде време.

Бидете подготвени

Голема грешка на основачите е обидот да постават структури кои ќе го контролираат работењето на идната генерација, наместо да ги остават наследниците сами да ја водат компанијата. Тоа може само да предизвика неодреденост во лидерството и да создаде стресна работна средина за оние членови од семејството чија одоговорност е водење на бизнисот. Затоа, основачите треба да се емоционално и ментално подготвени да го остапат своето место во целост кога ќе дојде вистинското време.