Швајцарија ја деблокира помошта за посиромашните членки на ЕУ

41

Швајцарија деблокираше вкупно 1,3 милијарди франци (1,2 милијарди евра) финансиска помош за посиромашните земји -членки на ЕУ во обид да ги поправи затегнатите односи со најголемиот трговски партнер, објави ДПА.

Горниот дом на швајцарскиот парламент ја одобри таа сума за плаќања во текот на следните неколку години. Станува збор за парите за „кохезиски плаќања“ замрзнати во 2019 година по спорот околу меѓусебното признавање на правилата на берзата, пренесува Хина.

Така, Швајцарија покажува добра волја по долгогодишни неуспешни преговори за посилна врска помеѓу земјата и единствениот пазар на ЕУ. Берн, исто така, се надева дека повторно ќе може да учествува во истражувачката програма на ЕУ „Хоризонт“.

Швајцарија не е членка на ЕУ, но учествува во нејзините програми и внатрешниот пазар на блокот преку билатерални договори. За возврат, плаќањата за поддршка на посиромашните земји од ЕУ беа договорени пред неколку години, а сличен аранжман беше договорен и со Норвешка.

Во Швајцарија, ова се нарекува „кохезиска милијарда“. Првата сума, околу една милијарда швајцарски франци, беше уплатувана неколку години, почнувајќи од 2006 година.

Како и да е, односите меѓу Унијата и Швајцарија се заладија откако европскиот блок инсистираше на рамковен договор што ќе ја поврзе земјата поблиску до себе.

За да изврши притисок, ЕУ престана да ја признава швајцарската берза како еквивалент на институциите на Унијата во 2019 година. Преговорите за договорот се во застој.

Еврокомесарот Марош Шефчовиќ во твитот истакна дека парите требало да бидат исплатени одамна. „Таквиот придонес е логичен пандан за учество на единствениот пазар на ЕУ“, додаде тој.