Швајцарија „одмрзна“ 3,4 милијарди франци блокиран руски имот

99

Швајцарската влада „одмрзна“ 3,4 милијарди франци (3,26 милијарди евра) привремено блокирани руски средства, истакнувајќи дека вкупниот износ на „замрзнатите“ средства е 6,3 милијарди швајцарски франци (шест милијарди евра), пренесе Ројтерс.

Таа сума, според британската агенција, е за 1,2 милијарди франци помала отколку на 7 април, кога Швајцарија пријави 7,5 милијарди франци замрзнат руски имот, при што владиниот претставник Ервин Болингер истакна дека блокираните средства потоа биле намалени за 2,2 милијарди франци.

Тоа значи, пренесува Танјуг, дека Швајцарија деблокирала милијарди руски средства, од март, кога беа воведени санкции кон Москва поради нападот врз Украина.

„Не можеме да ги замрзнеме средствата ако немаме доволно основа“, им рече на новинарите Болингер, висок функционер во Државниот секретаријат за економски прашања (SECO), кој ги надгледува санкциите.

Швајцарија, популарна дестинација за московската елита и место за складирање на руското богатство, е под зголемен притисок побрзо да ги идентификува и замрзне имотите на стотици Руси под санкции.

На почетокот на мај, Хелсиншката комисија во Соединетите држави, тело финансирано од владата што се занимава со безбедност, соработка и човекови права, ја именуваше Швајцарија како „главен помошник“ на рускиот претседател Владимир Путин и неговите пријатели. Таа ги опиша како „користење на швајцарските закони за тајност за да се сокријат и заштитат приходите од криминал“.

Швајцарската влада ги отфрли обвинувањата на „најсилен можен начин“, а во телефонски разговор со американскиот државен секретар Антони Блинкен, претседателот Игнацио Касис побара од Вашингтон „веднаш да ја поправи погрешната слика“ за Швајцарија.