Швајцарија стравува од “затемнување“ поради недостаток на електричната енергија

25

Поради енергетската криза во светот, Швајцарија се плаши од прекин на електричната енергија, а Швајцарската комисија за електрична енергија (ЕЛКОМ) претходно предупреди на опасност од „затемнување“.

Властите испратија писмо до адресите на 30.000 компании со информации дека, во случај на прекин на електричната енергија, може да дојде до ограничувања во снабдувањето.

Според швајцарските медиуми, компаниите кои трошат повеќе од 100.000 киловат-часови годишно, ќе бидат замолени да ја намалат потрошувачката за 10 до 30 проценти во случај на недостаток.

Исто така, од потрошувачите кои не се приоритет прво ќе биде побарано да штедат, со цел да обезбедат електрична енергија за индустријата.

Во извештајот на швајцарското собрание се наведува дека Швајцарија оваа зима би можела да остане без струја два дена, пренесе Танјуг.

Продолжува проширувањето на обновливите извори на енергија во Швајцарија, но се уште не е јасно како министерката за екологија Симонета Сомаруга ќе го спроведе проширувањето на „чиста електрична енергија“, откако законот за јаглерод диоксид не го помина референдумот.

За швајцарското напојување, проблемот е што, на пример, соларните централи зависат од временските услови, а тоа е проблем во зима.

Друг проблем е што потрошувачката на електрична енергија расте на долг рок, пред се поради зголемениот број електрични автомобили. Отворено е и прашањето колку ќе се прошират хидро капацитетите. Постојните нуклеарни централи ќе бидат затворени во 2034 година, но би можеле да бидат затворени порано од технички и економски причини.

Еден од важните фактори е несигурниот увоз на електрична енергија од странство. Соседните земји не се секогаш подготвени да и обезбедат електрична енергија на Швајцарија. Германија се откажува од нуклеарната енергија и јаглен, а Австрија нема нуклеарна централа и самата е зависна од увоз. Прашањето е дали Италија ќе испорача во Швајцарија од своите нуклеарни централи, или дали ќе и требаат тие количини за да ги покрие своите потреби.

За да нема „затемнување“ во Швајцарија под овие услови, клучно е Берн да склучи енергетски договор со ЕУ.