Швајцарската влада го одобри 20-тиот пакет санкции против Русија

Швајцарската влада го одобри 20-тиот пакет санкции против Русија, со што ја усогласи со Европската Унија, објавија денес швајцарските медиуми.

Во енергетскиот сектор, швајцарската влада во среда воведе нови забрани за услуги за танкери за течен природен гас (LNG), мразокршачи и терминали за LNG со седиште во Русија, објави Swissinfo.

Владата во Берн, исто така, ја забрани продажбата на танкери на Русија и донесе одлука дека договорите за продажба на танкери на трети земји мора да содржат договорна клаузула со која се забранува нивниот трансфер во Русија.

Швајцарската влада за првпат го активира и таканаречениот механизам за спречување на заобиколување на санкциите воведени кон Русија поради нападот врз Украина.

Во пракса, оваа мерка значи дека сега е забранет извозот на одредени чувствителни стоки во Киргистан.

Освен тоа, швајцарската влада донесе одлука за продолжување на постоечката забрана за извоз на стоки наменети за зајакнување на воените и технолошките капацитети на Русија, како и за стоки кои служат за зајакнување на руската индустрија.

Владата во Берн воведе и дополнителни ограничувања за увоз на економски важни стоки кои носат значителен приход во Русија.

Во финансискиот сектор, швајцарската влада ја забрани употребата на руски платформи за трансфер и размена на криптовалути, мерка насочена кон спречување на Русија да користи алтернативни средства за плаќање за да ги заобиколи санкциите.

Швајцарската влада, исто така, усвои мерки за заштита на швајцарските компании, првенствено за да ги зачува нивните права на интелектуална сопственост и да ги заштити од злоупотреба врз основа на судски одлуки во Русија.

Во моментов, околу 2.790 поединци, компании и организации во Швајцарија се предмет на мерка за замрзнување на средствата поврзана со војната на Русија против Украина.