Швајцарија се приклучи на новите санкции на ЕУ и го забрани увозот на руски дијаманти

28

Швајцарија ќе забрани увоз на руски дијаманти во согласност со последната рунда санкции на Европската унија како дел од казнувањето на Москва за нејзиниот напад врз Украина, соопшти швајцарската влада.

Берн се согласи да ја усвои 12-тата рунда санкции, кои Европската унија ги спроведе во декември, а меѓу овие мерки е и етапната забрана за купување и увоз на руски дијаманти, објави Ројтерс.

„Така, Швајцарија се приклучува на мерките договорени на самитот на Групата 7 на 6 декември 2023 година, со кои Русија би била лишена од овој важен извор на приход“, се вели во владиното соопштение.

Британската агенција наведува дека ќе бидат воведени забрани и за увоз на други стоки кои носат приход на Русија, вклучувајќи сурово железо и течен нафтен гас, а на листата е додаден и извозот на литиумски батерии, мотори за дронови, машински алати и делови, пренесува Танјуг.

Швајцарија, исто така, санкционираше дополнителни 147 поединци и компании, со што вкупниот број достигна 1.422 поединци и 291 организација.