Под покровителство на шведската влада и заводот за вработување, шведскиот град Содерхамн почна да им плаќа на младите невработени жители да се иселат од градот во соседна Норвешка и таму да се обидат да најдат работа.
“Бројот на невработени е многу голем, 25% и моравме да најдеме некакво решение. Заминувањето во Норвешка и онака е сон на повеќето млади во нашиот град”, вели Магус Нилсен за The Telegraph, кој во име на градот го води овој проект.
Патниците што доброволно ќе се јават, од 18 до 28 години, добиваат карта во еден правец и сместување во рок од еден месец во хостел во Осло, при што градот Содерхамн плаќа по 20 фунти за ноќ. Пакетот вклучува и упатство како да најдат работа преку граница.
“Дојдов овде во четврток и во понеделник наутро веќе имав работа. Беше брзо. Ми се чинеше потполно невозможно, како да сум дошол во ветена земја”, вели Андреас Ларсон кој две години примал помош за невработени во својот роден град. Сега работи како возач на камион во Осло.
Досега околу 100 млади се иселиле од шведскиот Содерхамн кој брои 12.000 жители, барајќи си ја среќата во Норвешка.