Шведски компании заинтересирани за производство на руската вакцина Спутник V

39

Неколку шведски компании изразија подготвеност да ја произведуваат руската вакцина против Ковид-19, Спутник V, откако шведската влада испрати барање до Агенцијата за иновации Винова, да ја разгледа можноста за воспоставување на своето производство во Шведска, пренесуваат руските медиуми.

“Постоечките производствени капацитети не се наменети за такво производство. Сепак, секако имаме можност да произведеме вакцина. Не мора да се работи за изградба на голема фабрика, туку само за обид да се развијат такви можности со капацитетот што веќе го имаме”, објасни Шефот на агенцијата Винова, Ларс Хамарстрем.

Координаторот на кампањата за вакцинација во Шведска, Ричард Бергстром, претходно ја соопшти можноста за производство на руската вакцина во нивната земја и преговорите меѓу руската и шведската страна. Меѓутоа, сè уште не е познато кои шведски компании реговараат со Руската Федерација.
Според професорот и експерт за вакцини од институтот Каролинска, Алија Миразими, во моментов се бараат сите достапни вакцини.

 

“Потребни ни се сите вакцини што можат да се набават. Со фабриките што го произведуваат Спутник V во Европа, процесот ќе оди подобро и побрзо, бидејќи ќе биде полесен и посигурен во однос на квалитетот“, рече Миразими. Тој додаде дека инспекторите ќе можат да ги посетуваат производствените капацитети и ќе се забрза процесот на одобрување на вакцините.

Според руските податоци, Спутник V досега е регистриран во 50 земји со вкупно население од над 1,3 милијарди луѓе.

Фото: Facebook