Во својата популарна емисија за готвење на шведскиот канал ТВ4, познатиот кулинар Леиф Манерстром ја претстави својата идеја да ги брендира македонскиот вина под сопствен бренд, јави дописникот на МИА од Гетеборг. Фасциниран од квалитетот на вината од Македонија, Манерстром деновиве учествуваше на две дегустации на вина од винаријата Бовин, кои се служат во стокхолмскиот ресторан Херденстам Винхандел.
На дегустациите, на кои беа поканети поголем број новинари од шведски медиуми, присуствуваа и вршителот на должноста амбасадор при македонската амбасада во Стокхолм, Билјана Стефановска-Сековска и официјалниот претставник на Инвест Македонија, Мирјана Наумовска.
Леиф Манерстром во оваа пригода ја најави својата желба и заинтересираност да ја посети Македонија со цел да направи филм за македонската храна и вино. Манерстром во својата емисија на ТВ4 изрази уверување дека Македонија, токму од аспект на интересните кулинарски специјалитети и убави вина, во иднина сигурно ќе привлекува поголем број туристи.