Силен раст на германскиот извоз

63

Во првата половина од годината, германските извозници постигнаа голем плус и покрај економските последици од војната во Украина, а извозот за шест месеци порасна за 13 отсто во однос на истиот период лани.

Вкупната вредност на извозот достигна 754,2 милијарди евра, објави во средата Федералниот завод за статистика. Од друга страна, увозот порасна уште повеќе – за 26,2 отсто, на 722,5 милијарди евра, пренесува агенцијата ДПА.

По падот во мај, извозот во јуни повторно порасна за 4,5 отсто.

Германија имаше голем раст пред се во трговската размена со САД – вкупниот обем на извоз изнесува 134,3 милијарди евра, што е за 18,4 отсто повеќе во однос на истиот месец лани. Истовремено, увозот е зголемен за 27,9 отсто, на 127,9 милијарди евра.

И покрај санкциите, во јуни извозот во Русија скокна за 14,5 отсто, на 1,2 милијарди евра. За една година, сепак, значително се намали – дури 40,3 проценти. Увозот од Русија во јуни е поголем од мај за 4,8 отсто и е вреден 3,5 милијарди евра. Русија главно испорачува суровини и енергија за Германија.

Германија е зависна од странска енергија, а цените на нафтата и гасот значително се зголемија од почетокот на војната во Украина. Можноста за недостиг на гас сè повеќе влијае на перспективите на извозниците, покажува неодамнешното истражување на економскиот институт Ifo, во кое учествувале околу 2.300 компании, пренесува агенцијата ДПА.