Сименс ќе отпушти околу 6.000 работници

Германскиот индустриски гигант Сименс ќе укине околу 6.000 работни места до септември 2027 година. Најголем број отпуштања ќе има во автоматизација на фабриките, додека помал број работни места ќе бидат укинати и во делот на полнење на електрични возила, пренесува германската новинска агенција dpa.
Во Германија ќе бидат укинати 2.850 работни места. Во исто време, компанијата најави дека бројот на вработени во Германија ќе остане во принцип непроменет бидејќи ќе вработува во други области, пренесува dpa.

Поголемиот дел од укинувањето на работните места ќе бидат спроведени до септември 2027 година.

Сименс веќе некое време се мачи поради високите залихи кај клиентите и дистрибутерите, што резултираше со слаба побарувачка и мала искористеност на капацитетите.

Прометот во бизнисот со автоматизација, кој е дел од дигиталната индустрија, неодамна е значително намален. Сепак, компанијата очекува подобрување во тековната година.

Поради променетите услови на клучните пазари, особено во Германија, беше неопходно прилагодување на капацитетот, објаснуваат од Сименс. „Конкретно германскиот пазар е во пад веќе две години. Затоа, неопходно е да се прилагодат капацитетите во Германија“, пишуваат во соопштението.

Работничкиот совет ги критикуваше најавените отпуштања. „Немаме разбирање за планираните мерки во одделот за дигитална индустрија и сме изненадени и лути поради големиот број планирани отпуштања“, рече Биргит Стајнборн, претседател на општиот работнички совет и заменик претседател на надзорниот одбор.

Потпретседателот на ИГ Метал, Јирген Кернер, кој исто така е член на надзорниот одбор на Сименс, исто така беше критичен кон плановите. „Трансформацијата не се постигнува со намалување на бројот на вработени, туку со позитивни промени, пред се преку понатамошен развој и унапредување“, рече тој.