Системот за отпрашување на Макстил во функција од средината на јануари

49

makstil nova postrojka

Технолошката компанија Макстил од средината на следниот месец, поточно од 12 до 15 јануари, ќе го стави во функција системот за отпрашување и ќе го започне производството во Челичарницата, што беше прекинато на крајот на октомври, истакна денеска Минчо Јорданов, претседател на одборот на директори на Макстил, пишува Миа.

И покрај потешкотиите, како што нагласи тој, Макстил продолжува со инвестиции со цел да се исполнат еколошките барања и прописи. Од почетокот на кризата во 2008 година, компанијата кумулативно остварила загуби од 46,5 милиони евра.

Генералниот директор, Иван Бановски, посочи дека и покрај минимизираното производство на контилеани флемани слабови и изнуденото максимизирање на производството на шест шаржи во Челичарницата, Макстил годинава произвел 187.991 тони што е за 6,4% повеќе од планираните 176.700 тони челичен полуфабрикат за 2014 година.

Макстил 30% од своето производство го извезува во Грција, по што следат САД со 10% до 15%, а остатокот на производството речиси подеднакво се извезува во останатите земји од Европската унија. Од неодамна Макстил е присутен и на пазарот во Турција каде извезува речиси 10% од своето производство.