
Сите главни аеродроми во земјите од поранешна Југославија ќе забележат зголемување на капацитетот во септември, додека „Рајанер“ ќе остане најголемиот превозник во регионот.
Аеродромот во Белград е водечки по бројот на достапни седишта на редовни летови во септември – вкупно 1.045.592, што е четврти месец по ред во кој капацитетот ќе надмине еден милион. Ова претставува раст од 7,1% во споредба со 2024 година. „Ер Србија“ ќе ја задржи позицијата на најголем превозник со 52% од вкупниот редовен капацитет. Обновениот „Виз Ер“ ќе го зголеми бројот на седишта за 25,2%, земајќи удел од 18,8%. Загреб е втор по големина со 599.552 достапни седишта, што е раст од 13,7% во споредба со минатата година. „Кроација ерлајнс“ ќе биде најголемиот превозник со 36,4% од вкупниот капацитет, пред „Рајанер“ со 30,6%. Националниот превозник ќе го зголеми капацитетот за 24,5% благодарение на воведувањето на пет нови рути во јули, додека „Рајанер“ ќе го зголеми бројот на седишта за 15,1%.
Аеродромот во Приштина ќе има 458.217 достапни седишта во септември, што претставува зголемување на капацитетот од 11,2%. „Џи-Пи-Евиејшн“ води со удел од 30,7%, по што следува „Виз Ер“ со 12,4%.
Скопскиот аеродром ќе има 349.861 седишта, што е раст од 9,4%. Падот на капацитетот на „Виз Ер“ конечно запира, па во септември тој ќе се зголеми за 4,9% во споредба со истиот месец минатата година, со сè уште најголем удел од 48,6%. По него следува „Пегасус Ерлајнс“ со удел од 12,3% и раст од 22,4% на годишна основа.
Сараево ќе има 280.762 достапни седишта, што е зголемување од 17,2% во споредба со 2024 година. „Рајанер“, со раст на капацитетот од дури 125,7% на годишна основа, ќе биде најголемиот превозник со 16,6% од вкупниот број седишта, пред „Пегасус“ со 12,6% и раст од 14,6%.
Аеродромот во Подгорица ќе има 231.652 седишта на редовни летови во септември, што е за 8,6% повеќе од минатата година. Најголем превозник ќе биде Виз Ер со 22% од вкупниот капацитет, со раст од 10% во споредба со 2024 година, додека Ер Монтенегро ќе има удел од 18%.
На крајот, аеродромот во Љубљана ќе има вкупно 192.757 седишта во септември, што е зголемување од 20,7% во споредба со истиот месец минатата година. Повеќето превозници го зголемуваат капацитетот, а Луфтханза ќе има најголем удел со 15%, додека втор е Туркиш ерлајнс со 13,7%. Турскиот превозник ќе додаде најголем капацитет во септември – 7.774 седишта повеќе во споредба со минатата година, а меѓу новите превозници се КЛМ и Јуровингс, пренесува Ex Yu Aviation.











