Сива еминенција

412

sivi-oblaci

Фото: Pixabay

Победничка компанија – Од било каде, до врвот

Оваа колумна е наменета исклучиво за оние кои се на раководни функции.

Во моето работење со клиенти, како една од најчестите причини кои раководителите ги посочуваат зошто некоја иницијатива за промени не поминува или не ги дава посакуваните резултати е отпорот на вработените. Воопшто не е лесно да се убедат скептиците да се воведе некоја промена. Дури ни позитивното или негативното мотивирање не дава добри резултати. Затоа, наместо фронтално напаѓање, потребно е да се оди по заобиколен пат: промените најдобро се остваруваат доколку иницијативите доаѓаат од неформалните лидери, оние кои се почитувани од вработените, сивите еминенции.

Дотука е сé во ред – седнувате на кафе со неформалниот лидер, му ја изложувате идејата и му ветувате некоја награда доколку успее да ги убеди вработените да земат активно учество во промените. Тој/таа ќе си ја заврши својата задача на нему/нејзе својствен начин. Единствениот проблем тука е како да ја пронајдете вистинската сива еминенција. Сум видел многу случаи кога раководителот верува дека некоја личност е неформален лидер ама всушност се испоставува дека тоа не е баш така. Зајакот лежел во некоја друга грмушка. Резултатот: катастрофа.

Науката нуди решенија за откривање на неформалните лидери. Главно, се среќаваат три стратегии за оваа цел: разговор, анкета и анализа на социјалната мрежа. Првата стратегија значи разговор со вработените и поставување директни прашања кој има неформална моќ. Втората е спроведување на анонимна анкета со истото прашање. Третата значи социјално мапирање, кој со кого е поврзан и на кој начин. Сите три стратегии имаат иста фалинка: покрај декларираната анонимност, всушност станува збор за спротивното. Вработените не се идиоти (а) не веруваат дека од приватниот разговор ќе остане без последици, (б) знаат дека проста анализа на ракописот ќе открие кој стои зад одговорот на анкетата, и (в) во анализите на социјалната поврзаност се вклучуваат многу луѓе и апсолутно не станува збор за тајност. Старо-скопските швалери велеа дека „ако не кажам со која женска сум бил, исто е како да воопшто да не сум бил со неа.“ Затоа и не беа нешто многу успешни. Анонимност значи целосна заштитеност и тајност. Значи, штом неформалното водство е обвиено со тајност, треба да му се пристапи со алатки кои гарантираат целосна тајност. Еве еден мој мал изум кој го применувам: на обичен лист хартија, поставувате прашање „Кого прашувате за совет“. Наместо да се пишуваат имиња и да се остава простор за препознавање на ракописот, вработените треба само да повлечат линии од бројките кон буквите.

zvonko

Упатството е едноставно: за првата буква од името на личноста која ја прашувате за совет, повлечете линија од бројката 1 до посакуваната буква. Сторете го истото за остатокот од буквите. Меѓу името и презимето, поврзете бројка со „празно место“.

На примерот од сликата, во колоната 1, е моето име и презиме. Можете да оставите простор за две или три личности. По завршување на анкетата, едноставно заклучувате во која личност се има најмногу доверба. Брзо, евтино, точно и – што е најважно – целосно анонимно.

Можам слободно да кажам дека сивите еминенции се среќаваат на било кое рамниште од организациската хиерархија. Важноста на работното место не значи автоматски и важен извршител. Напротив – како одите нагоре низ хиерархијата, неформалната моќ опаѓа.