СЈ Компани, со мало задоцнување ги исполнува правата од работниот однос на вработените во скопските ресторани на Мекдоналдс, кои неодамна беа затворени. Во денешното соопштение се потенцира дека компанијата ќе ги исполни сите преземени обврски кон вработените и покрај тоа што рестораните не работат шест месеци, пренесува Миа.
“Иако првично беа планирани три месеци, од 13 мај 2013 година компанијата на вработените им ги обезбедува правата од работниот однос, во последните два месеца со извесно задоцнување, и покрај тоа што рестораните не остваруваат приход веќе шест месеци. Во врска со состојбата и можностите, вработените се навремено известени”, информираат од СЈ компани.
Како што се вели, компанијата побарала од надлежните судски органи да донесат времена мерка за отворање на рестораните до завршувањето на правните процедури помеѓу двете компании.
“Овој чекор е преземен, пред се за да се задоволи интересот на вработените, но и интересот на потрошувачите и на заедницата. Сепак, досега немаме никакво известување за ова наше барање, со што се блокира можноста за повторно отворање на рестораните и враќање на вработените на своите работни места”, се наведува во соопштението.
Поради тоа што и понатаму надлежните судски органи не се произнесуваат по барањето, компанијата СЈ ќе биде приморана да ја реорганизира работата според новонастанатата ситуација, почитувајќи ги законските рамки и обврски, за што вработените ќе бидат навремено известени.
Во меѓувреме СЈ Компани е во преговори со други субјекти, обидувајќи се и на таков начин на вработените да им отвори можности за понатамошен работен ангажман во други компании со слична дејност.