СКМ организира македонско-ирачки бизнис форум

23

Стопанската комора на Македонија (СКМ) во соработка со Трговско-индустриската комора на Сулејманија, Северен Ирак, денеска организира Македонско-ирачки бизис форум со цел воспоставување на билатерални деловни контакти со македонски и ирачки компании кои би биле потенцијални деловни партнери.
Бизнисмените од Ирак ќе се запознаат и со можностите за инвестирање и со потенцијалите за водење бизнис во Македонија. Бизнис-делегацијата ја сочинуваат компании заинтересирани за увоз и дистрибуција на разни видови македонски производи на ирачкиот пазар, прехранбени производи и пијалоци, земјоделски производи, козметички и фармацевтски производи, метален комплекс, градежништво и градежни материјали, индустриска опрема, трговија на производи за широка потрошувачка, мебел, туризам, транспорт…
Според информациите на СКМ, делегацијата доаѓа од Сулејманија, град со 1,6 милиони жители во Северен Ирак – Курдистан, област со 6,6 милиони жители, без царинско подрачје и широка автономија.
Со оглед на тоа дека се работи за богат крај со нафта, неразвиена индустрија, овој пазар е во фокус на многу производители. Во Курдистан во моментов функционираат 58 странски канцеларии на идните дипломатско-конзуларни претставништва.
Првата средба со компании од Ирак, СКМ ја организираше во 2010 година кога и започна извозот на македонското свежо јаболко на овој пазар.