СКМ: Рамковната конвенција за контрола на тутунот на СЗО е штетна за тутунопроизводителите во Македонија

183

Рамковната конвенција за контрола на тутунот усвоен од страна на Светската здравствена организација (СЗО) во 2003 година е штетна за тутунопроизводството во Македонија, предупредуваат од Стопанската комора на Македонија.
Во Конвенцијата меѓу другото се препорачува намалување на површините со тутун, како и намалување на субвенциите за овој вид производство.
“Рамковната конвенција е процес кој ќе трае. И да се донесе, Македонија не е обврзана да ги спроведе препораките, но ако почнат голем број земји да го намалуваат производството, тој процес ќе се одрази и кај нас,” посочи Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија.
Примената на оваа конвенција, сметаат од Комората, ќе влијае негативно врз тутунопроизводството и индиректно врз економскиот развој на државата. Со намалувањето на производството, ќе биде засегната егзистенцијата на многу семејства, а негативно е и тоа што на почвата на која се одгледува тутунот, не може да се одгледува друга култура.
“Испитувањата кои ги вршеше Институтот за тутун покажаа дека друга култура не може да се одгледува на површините каде има засадено тутун. И да се одгледува некоја друга култура, приносите ќе бидат мали. Одгледувањето на тутунот нема негативни последици врз здравјето на луѓето, почвата и животната средина”, нагласи Ристовски.
Од Комората апелираат надлежните институции да испратат свои претставници на состанокот што при крајот на овој месец треба да се одржи во Женева и да го изнесе својот став во врска со препораките од оваа Конвенција.
Според Комората, она што засега треба да го стори државата е да ги задржи постоечките површини со тутун и да продолжи поддршката за производството на оваа култура.
Во Македонија се одгледува ориентален тутун кој е застапен само 3% до 4% во цигарите. Во 2013 година беа произведени 29.000 тони тутун, а годинава се очекува многу поголем принос. За реколтата 2013/14 година беа склучени 42.367 договори со што засегнати се околу 42.000 семејства.
Годишно во светски рамки се произведуваат 8 милиони тони тутун. Најголеми произведувачи се Кина, Бразил и Индија, а во земјите од Европа најмногу тутун се произведува во Турција.
Рамковната конвенција за контрола на тутунот е усвоена во 2003 година, а стапи на сила во 2005 година. Договорот го имаат ратификувано 176 држави во светот, а меѓу нив е и Македонија во 2006 година.