Škoda го прекинува производството во Чешка

172

Чешкиот производител на автомобили Škoda Auto ќе го ограничи или целосно ќе го запре производството на автомобили во сите три фабрики во Чешка од 18 октомври до крајот на годината, поради глобалниот недостаток на чипови.

Суспендирањето на производството би можело силно да ја погоди чешката економија, бидејќи Škoda Auto, која е дел од групацијата Volkswagen, придонесува со пет проценти во чешкиот БДП, но исто така сочинува девет проценти од чешкиот извоз, пренесува Euraktiv.

Производството претходно беше прекинато во септември за една недела од истата причина.

Недостатокот на полупроводнички чипови го зафати целиот автомобилски сектор во светот, а европските производители зависат од азиското производство, кое опаѓа поради пандемијата на коронавирус.

“Очекуваме производството на полупроводници повторно постепено да започне во втората половина на 2022 година. Целата ситуација со недостатокот потоа треба да се смири“, рече директорот за комуникации на Škoda Auto, Томаш Котера.

Тој посочи дека приоритет за компанијата е да обезбеди работа и надомест за работниците во фабриката и додаде дека вработените земаат 85% од платата.

Чиповите се стратешки компоненти на дигитализираниот свет, и додека нивното производство во азиските земји е ограничено, а побарувачката за нив расте во целиот свет.

Европската комисија претходно објави дека ќе воведе “европска регулатива за чиповите“, која треба да го зголеми капацитетот на производите во Европа и да ја зголеми меѓународната соработка.