Скокнаа цените на нафтата

Цените на нафтата скокнаа на меѓународните пазари кон 89 долари откако водечките произведувачи навестија дека би можеле да го намалат производството најмногу од првата година на пандемијата.

На лондонскиот пазар цената на барелот утрово изнесува 89,39 долари. На американскиот пазар се тргува по повисока цена од 84 долари за барел.

Пазарите на почетокот на неделата ги разнишаа тврдењата на извори од Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) и групата нивни сојузници дека пред состанокот кон средината на неделата се размислува за намалување на производството од над милион барели дневно.

Бројката не го вклучува дополнителното доброволно намалување во одделни членки, напомена изворот од ОПЕК.

Групата со тоа би ги поддржала цените кои во летните месеци паднаа поради послабата побарувачка во Кина и стравувањата дека кренатите каматни стапки во големите економии ќе предизвикаат рецесија и ќе ѝ наштетат на побарувачката.

Дополнителен проблем во изминатите месеци беше посилниот долар, кој ја намалуваше куповната моќ на муштериите со другите валути.