Скопјанец е на врвот на листата- пријавил 244,2 милиони денари годишен бруто – доход

162

Директорката на Управата за јавни приходи на денешната прес конференција го презентираше највисокиот годишен бруто доход од годишната даночна пријава за 2021 година.

„За календарската 2021 година, Управата за јавни приходи изготви и достави пополнета Годишна даночна пријава за 788 643 граѓани. Овие лица искажале годишен бруто доход од близу 366, 6 милијарди денари во пријавите, а пресметаниот данок на личен доход е во износ од 22, 3 милијарди денари. Во однос на 2020 година, вкупниот приход на граѓаните во 2021 година е за 35,4 милиони повисок, следствено на ова и данокот на личен доход е за 2,7 милиони денари повисок во 2021 година“ – истакна Лукаревска.

Управата за јавни приходи Годишните даночни пријави, ги изготвува врз основа на податоците од пресметките за исплата на доход, поднесени од страна на исплатувачите, од пријавите на пресметките кои ги доставиле граѓаните од други физички лица и од странство а врз основа на податоците од годишниот биланс како и паушално утврдениот нето доход од вршење на самостојна дејност. Граѓаните преку корисничките профили на e-ПДД, можат да ги прегледаат, да ги корегираат и да ги потврдат даночните пријави. Граѓаните кои ниту ги потврдиле, ниту ги корегирале годишните даночни пријави по службена должност УЈП ги потврди.

Директорката Лукаревска рече дека Годишните даночни пријави се параметар кој даваат една слика за приходите на граѓаните, кои ги оствариле во 2021 година, и истакна дека деновиве ќе започне генерирањето на годишните даночни пријави за 2022 година и апелираше до граѓаните да направат увид дали ги пријавиле приходите со цел оданочување. Кога ќе биде генерирана ГДП, да ја потврдат или ако имаат забелешки да ја корегираат. Во тек е и наплата, односно обврските кои граѓаните можеби не ги платиле до генерирање на Годишната даночна пријава за изминатите години. Апелирам да ги платат обврските со цел да не се доведат во дополнителни трошоци за присилна наплата и блокада. А до оние кои сеуште не се регистрирале на е- ПДД системот, да го сторат тоа со цел да имаат во секое време увид на приходите кои ги оствариле и да може да ја користат апликацијата Мој ДДВ – рече Лукаревска.

СКОПЈАНЕЦ Е НА ВРВОТ НА ЛИСТАТА НА НАЈВИСОК ГОДИШЕН БРУТО ДОХОД ЗА 2021 ГОДИНА
Граѓанин од Скопје пријавил 244,2 милиони денари денари годишен бруто – доход

Највисоката годишна бруто плата во 2021 година исплатена е на граѓанин од Скопје. Платата е остварена во дејноста трговија на големо со производи од тутун и изнесува 122,3 милиони денари. На листата на највисоко рангирани бруто плати се најдоа и платите исплатени во дејностите: одгледување свињи, производство на
метални производи, болници, трговија со фармацевски производи, управувачки дејности и компјутерско програмирање.
Највисокото лично примање по основ на извршена работа изнесува 121,8 милиони денари на годишно ниво, доходот е остварен во странство.

ДИВИДЕНДИ И КАПИТАЛНИ ДОБИВКИ
130, 1 милиони денари е највисоката капитална добивка во 2021 година, а е остварена од граѓанин на Скопје од продажба на удел во трговско друштво, додека највисоката исплатена дивиденда во износ од 203 милиони денари е исплатена на граѓанин на Велес од исплатувач чија дејност е трговија на мало во неспецијализирани
продавници претежно со храна пијалаци и тутун.

СКОПЈАНИ НА ЛИСТАТА НА НАЈВИСОК ДОХОД ОД САМОСТОЈНО ВРШЕЊЕ НА ДЕЈНОСТ, РЕСЕН СО НАЈВИСОК ДОХОД ОД ЗЕМЈОДЕЛСКА ДЕЈНОСТ
На врвот на листата за исплата на највисок доход од самостојното вршење на дејност повторно се скопјани, а највисокиот износ е 102,4 милиони денари. Во 10-те топ рангирани на листата се наоѓаат адвокати, нотари, угостители, одгледувачи на жито и мешункасти растенија, производители на амбалажи од хартија и од дејностите
трговија на мало со делови за моторни возила и малтерисување.

ЗАКУПНИНИ, АВТОРСКИ ПРАВА И ПРАВА ОД ИНДУСТРИСКА СОПСТВЕНОСТ ВО 2021
Скопјанец остварил највисок бруто доход од закуп и подзакуп на имот (издавање на земјиште, станови и деловни простории, превозни средства и друг вид на имот) кој изнесува 37 милиони денари и истиот е остварен од закуп на деловен простор. Скопјанец е прворангиран за остварен бруто доход од авторски права и други стварни права во износ од 22 милиони денари а по основ на права од индустриска сопственост исто така е граѓанин на Скопје кој остварил бруто доход во износ 5,5 милиони денари.

ИГРИ НА СРЕЌА ВО 2021
По основ игри на среќа на Скопјанец му се исплатени
41,1 милиони денари од Државната лотарија, а второрангираниот кој е исто така од Скопје остварил добивка од игри на среќа главно од обложувалници во
износ од 31,3 милиони денари.

НАЈВИСОКИ ПЕНЗИИ ВО 2021
Прво-рангираниот пензионер е од Скопје кој пријавува странска пензија која изнесува 5,8 милиони денари на годишно ниво.

ДОХОД ОД ОСИГУРУВАЊЕ
Лице од Тетово е со највисок годишен бруто доход по основ на уплатени премии и исплатена осигурана сума во износ од 2,9 милиони денари.

Категоријата друг доход вклучува доход од различни извори како што е доходот кој не е конкретно опишан во законот за данокот на личен доход и не е изземен од оданочување, доходот остварен од продажба на корисен цврст отпад, доходот остварен со електронска трговија преку интернет, доходот од маркетиншки интернет услуги, износот на неискористената финансиска помош, износот на
неискористените донирани финансиски средства, како и кусоци кои не се предизвикани од вонредни настани (кражба, пожар или други природни непогоди), и не се на трошок на платата на одговорното лице. Во оваа категорија жител на Тетово пријавил годишен бруто доход од 171,3 милиони денари, тетовка е второрангирана со пријавен годишен бруто доход во износ од 155,1 милиони денари и денари
кој е исплатен од компании кои работат со мрежни социјални и видео платформи а скопјанец е на трето место кој пријавил 78,5 милиони денари доход од откуп на корисен цврст отпад.