Скопје и Париз се поврзуваат со нова авиолинија преку компанијата Изиџет

Утрово на Меѓународниот аеродром Скопје ќе пристигне авион на нискотарифната авиокомпанија „Изиџет“, со што свечено ќе започне новата авионска линија од аеродромот „Орли“, лоциран на околу дваесет километри од центарот на Париз.

Од ТАВ Македонија изјавија дека со оваа нова авиолинија, корисниците на скопскиот аеродром ќе имаат можност да патуваат до еден од најоптоварените аеродроми во Франција, кој нуди многубројни домашни и европски летови.

„Изиџет“ започна со работа на македонскиот пазар во ноември 2021 година.

Освен „Изиџет“, авионска линија од Скопје до француската престолнина одржува и авиокомпанијата „Визер“ до аеродромот „Бове“, кој е на оддалеченост од околу 90 километри од Париз.

Со летниот распоред на летање, кој започна да важи викендов, од Скопскиот аеродром работат 16 авиокомпании до 47 редовни дестинации, а три компании оперираат со 10 чартер летови.