
Подобрување на квалитетот на воздухот, намалување на бучавоста во градовите и сообраќајниот метеж, како и поддршка на националните и европските зелени политики – ова се дел од придобивките што ги носи новата услуга Avant2Go, првиот целосно електричен систем за споделување возила во Македонија. Проектот беше официјално промовиран денес пред Владата, каде што првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, заедно со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, пристигнаа со електрично возило во знак на поддршка на иницијативата.
Како што истакна министерот Меџити, Avant2Go не е само технолошка иновација, туку и стратешка инвестиција во еколошката, сообраќајната и економската иднина на земјата. Со нулта емисија на штетни гасови и значително пониски нивоа на бучава, електричните возила имаат директно позитивно влијание врз урбаната животна средина. Според светски стандарди, едно car-sharing возило може да замени од 10 до 15 приватни автомобили, со што се намалуваат трошоците и потребата од нова урбана инфраструктура.
Новиот систем е достапен преку мобилна апликација, што го прави лесно достапен и кориснички ориентиран, а истовремено претставува конкретен чекор кон реализација на Зелената агенда за Западен Балкан и климатската транзиција што ја води земјата во рамките на евроинтегративниот процес.
Градоначалниците на скопските општини обезбедиле паркинг за овие возила, а во моментот во Скопје, на располагање се 100 возила, со можност за уште повисока бројка. Цената за користење на овие возила ќе биде поевтина од такси-услугите. Се наплаќа по километар и по минута. По километар цената е 0,22 денари.
Засега возила има на располагање во Гази Баба, Чаир, Кисела Вода и Аеродром.











