Скопје на 161-то место по квалитет за живот во светот

21

macedonia-2542873_960_720

Фото: Pixabay

Во светски рамки, Скопје е на 161-то место по квалитетот на живот што е за пад од две места во однос на 2017 година, покажува истражувањето на американската консултантска куќа Mercer на чија ранг – листа се наоѓаат 231 град.

На првото место и годинава, осма година по ред е Виена. Таа ја предводи листата поради безбедноста, но и поради ефикасниот јавен транспорт и различната културна понуда. На листата веднаш зад Виена се Цирих, Окланд, Минхен и Ванкувер, додека на дното е јеменскиот главен град Сана.

Што се однесува на градовите од поширокиот регион, најдобро рангирана е Љубљана (75 место), Атина (86), Загреб (98), Букурешт (107), Софија (116), Истанбул (134), Белград (139), Сараево (159) и Тирана (176).

Од првите десет места во класификацијата – осум припаѓаат на европски градови, кои според Mercer пружаат најдобар квалитет на живот.

При класификацијата земени се во предвид 39 критериуми од криминал до управување со отпади, транспорт, електроснабдување, телекомуникациски услуги и клима.