Скопскиот аеродром втор пат меѓу десетте најдобри аеродроми во источна Европа

24

Aerodrom Aleksandar Veliki 02

Скопскиот аеродром Александар Велики, со којшто оперира ТАВ Македонија, е рангиран меѓу десетте најдобри авиопристаништа во источна Европа за 2016 година во рамки на Светските аеродромски награди што неодамна се одржаа во германскиот град Келн, стои во соопштението.

Овој светски собир го организира реномираната британска организација Скајтракс, којашто престижното признание на скопскиот аеродром му го доделува втора година по ред.

“Среќни сме што по вторпат ја добиваме Светската аеродромска награда на Скајтракс, којашто го рангираше скопскиот аеродром меѓу десетте најдобри во источна Европа, што е уште еден доказ за посветеноста на ТАВ Македонија кон нашите ценети патници и авиопревозници. Ова е престижно признание во авијацијата, коешто се доделува секоја година во конкуренција на 550 аеродроми ширум светот, при што се оценува искуството на патниците во различни аеродромски услуги, како што се чекирање, пристигнување, трансфери, шопинг, безбедност и т.н. Фокусирани на главниот аеродром во Република Македонија, во ТАВ Македонија сме посветени на развој на успешен лидерски тим и ги вреднуваме важните улоги кои аеродромските работници ги имаат на аеродромот“, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

Скопскиот аеродром годинава се најде на деветтата позиција на топ 10 листата на аеродроми во источна Европа, во категоријата – Најдобри аеродроми според регионот. Листата ја предводи аеродромот во Будимпешта, по што следат воздушните пристаништа во Талин, Киев, Рига, Белград, Тбилиси, Софија, Братислава, Скопје и Варна.

Скајтракс наградите беа доделени на саемот за аеродромски услуги Passenger Terminal Expo, којшто неодамна се одржа во германскиот град Келн.

Според Светските аеродромски награди, најдобрите 10 аеродроми во светот за 2016 се: Чанги во Сингапур, Инчеон во Јужна Кореја, Минхен, Ханеда во Токио, Хонг Конг, Центраир во Нагоја – Јапонија, Цирих, Хитроу во Лондон, Кансаи во Јапонија и Хамад во Доха.

Скајтракс е истражувачка организација основана во 1989 година со седиште во Лондон, Велика Британија. Организацијата е специјализирана за спроведување на истражувања во авиоиндустријата посветени на подобрување на услугите што авиокомпаниите и аеродромите им ги нудат на патниците низ светот.

Изминативе 16 години ги спроведува истражувањата за најдобрите авиокомпании и аеродроми во светот. Доделувањето на Светските аеродромски награди почна во 1999 година, кога Скајтракс го спроведе првото глобално истражување за задоволството на патниците од аеродромите. Денес, оваа награда се базира на спроведени 13,2 милиони анкети и прашалници, пополнети од аеродромски патници од 106 националности за време на периодот на испитување, којшто траеше од јуни 2015 година до февруари 2016 година. Со истражувањето беа опфатени 550 аеродроми во светот, а преку него се проверуваа искуствата на патниците во поглед на различни аеродромски услуги како чекирање, пристигнување, трансфери, шопинг, безбедност и други услужни сегменти.