Пандемијата го зголеми бројот на гладни луѓе во светот, а според извештајот на пет организации на Обединетите нации, ситуацијата е влошена.
Сите се сложни дека пандемијата на многу жители на планетата со голема брзина им го промени животот, многумина останаа без работа, а во исто време растеа цените, што посебно се однесува на намирниците, пренесува Дојче Веле.
“Ова е повик за тревога во целиот свет. Тоа би требало да биде повик за будење, посебно ако ги погледнеме бројките. Во споредба со последниот извештај сега имаме 161 милион гладни луѓе повеќе“, рече Дејвид Бисли, директор на Светската програма за храна.
Најголем дел од потхранетите во светот живеат во Африка, каде има најголем пораст на бројот на гладни, како и во Азија, но и во Латинска Америка и на Карибите. Во тие земји или се војува или се погодени од екстремни климатски неприлики, што предизвикуваат поплави или суша.
Во последната година скоро секој трет жител на планетата немал сигурен пристап до доволна количина на храна, а меѓу нив има милиони деца.
Обединетите нации ги повикуваат политичарите да им помогнат на сиромашните земји и да одвојат средства за тамошното население за ублажување на последиците од пандемијата.
Со децении претходно, гладот во светот постојано се намалуваше, но од 2015 година бројот на гладни повторно почна да расте. Обединетите нации претходно поставија цел да запре гладот во светот до 2030 година, но под актуелните околностите и поради пандемијата таа цел е тешко остварлива.
Фото: Pixabay