
За кроењето на новата потрошувачка кошничка која ќе се вика просечна, заменик-министерот за економија, Марјан Ристески повтори дека нејзиното изгласување мора да помине на Економско-социјалниот совет кој ќе се одржи во скоро време. Тој истакна дека кошничката ќе биде квалитетен одраз на едно тричлено просечно семејство, според податоците на ДЗС.
Ристески е дециден дека кошничката нема да биде за креирање на јавно мислење ниту за политиканство. Според него, актуелната кошничка не соодејствува на реалната состојба и потребите.
-Нашата потрошувачка кошничка сигурно нема да користи алкохол, цигари, летување во странство во пресметките бидејќи тоа го сметаме за луксуз. Исто така нема да има овошје кое не е карактеристично за одредена сезона во годината. Сето ќе биде врз база на релевантни податоци и релевантни цени на производи и податоци од повеќе маркети. Сите цени ќе се земат во предвид. Никој не го скратува правото на одмор, но, сепак одењето на одмор во странство не може да си го обезбеди секој граѓанин во земјава – сметаме дека не е еден од податоците кој треба да влезат во пресметката на просечната потрошувачка кошничка. Не можам сега да ги откријам сите податоци, рече денеска заменикот.