Славески како гувернер: Континуитет или пресврт во монетарната политика?

Пратениците се очекува на трети јуни да се изјаснат дали го поддржуваат предлогот на претседателката Гордана Силјановска Давкова, Трајко Славески да биде идниот гувернер на Народната банка. Изборот бил тежок со оглед докажаниот квалитет на тројцата кандидати, рече претседателката. Клучни при носењето на одлуката биле стручноста, компетентноста, дигнитетот и интегритетот. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи предлогот на претседателката Давкова, потврди лидерот на партијата и премиер Христијан Мицкоски. Опозицијата со негодување и остри критики велат дека нема да го поддржат предлогот. Според нив со изборот на Славески ќе се погреба и последната независна институција. Предлогот нема да го поддржи ниту Левица.

Каков ќе биде новиот предводник на Народната банка?

Економскиот аналитичар, Абил Бауш смета дека професорот Славески е вистински познавач на макроекономските политики. Според него, ако се гледа фелата на макроекономисти во државата, тој е еден од најдобрите, без разлика што во одредени моменти се претставува како член на политичка партија.

-Професорот Славески е реализирана и комплетирана личност која би можела да биде на вистинското место. Дали ќе донесе еден вид на промени во монетарната политика – ќе треба да видиме. Скептичен сум затоа што од осамостјувањето на државата водиме една монетарна политика и немало некои значајни промени, вели Бауш во разговор за „Локално“.

Запрашан каде беа најголемите слабости на се уште актуелната гувернерка, Анита Ангеловска-Бежоска, односно причините кои не ѝ донесоа нов мандат, аналитичарот оценува дека субјективноста е како таа не припаѓаше на ниту една партија, а барем така и се однесуваше. За Бауш, Ангеловска Бежоска беше еден вид на технократски вршител на должноста која пред се доаѓаше од внатрешната фела и банкарскиот систем.

-Видовме нејзина коректност за време на кризите и со инфлацијата и во целиот период. Бежоска се покажа како личност која не потпаѓаше на влијание или не направи некои потези со кои ќе ја загрози монетарната политика на државата. Гувернерката коректно ја вршеше функцијата и ја задржа неутралноста на Народната банка. Како и нејзините претходници, не направи вид на некои реформи и нови политики, но, сепак без никакви афери или слабости ја изршуваше работата. Не знам зошто повторно не беше избрана. Имам позитивно мислење за неа. Најверојатно останува во Банката како вработена, наведува соговорникот.