Славески: Народната банка останува независна и фокусирана на стабилноста

Новоизбраниот гувернер на Народната банка, Трајко Славески, по денешната свечена изјава истакна дека ќе ја оправда довербата која му е укажана и дека ќе настојува да ги убеди скептиците во спротивното — дека Народната банка останува независна институција.

Тој нагласи дека Централната банка мора да се фокусира на трите клучни цели: ниска и стабилна инфлација, финансиска стабилност и поддршка на владините економски политики.

„Законските надлежности на Народната банка се јасно дефинирани. Главната цел е ценовната стабилност, односно ниска и стабилна инфлација, како и одржување на финансиска стабилност. Овие цели се во функција на поддршка на амбициозните политики на Владата“, изјави Славески.

Тој додаде дека во последно време, одредени трендови на глобално ниво ги охрабруваат централните банки да се вклучуваат и во прашања од поширок социјален интерес, како што се климатските промени и зелената енергија. Сепак, според него, ваквите теми треба да останат во доменот на други институции.

„Централната банка треба да се држи до своите основни цели и да не се распрснува на теми кои не се нејзина директна надлежност“, додаде тој.

Славески се осврна и на прашањето за девизниот курс, истакнувајќи дека јавноста е главно фокусирана на номиналниот девизен курс, кој останува фиксиран. Сепак, тој како професионален економист, го следи и реалниот девизен курс, кој зависи од односот меѓу домашните цени и оние на трговските партнери, особено во еврозоната.

„За жал, по 2022 година забележуваме значителна реална апресијација на денарот, што е резултат на повисоката инфлација во Македонија во споредба со еврозоната. Од ноември 2002 до јануари оваа година, реалниот ефективен девизен курс е зајакнат за 5,4%, додека во однос на еврото денарот е појак за цели 9%“, истакна Славески.

Ова, според него, доведува до губење на конкурентноста на македонската економија.

„Стануваме релативно поскапи за странските партнери, што негативно се одразува врз извозот. Има веќе и откажани туристички аранжмани, со образложение дека Македонија станала скапа дестинација“, предупреди Славески.

Како заклучок, нагласи дека контролата на инфлацијата и нејзиното усогласување со стапката во еврозоната е клучна за задржување на стабилен девизен курс.

На новинарско прашање дали се размислува за воведување флексибилен девизен курс, Славески одговори дека тоа нема да се случи.