Спогодбата меѓу државните органи на Србија, Северна Македонија и Албанија, за непречен легален проток на работната сила во овие три држави, според сознанијата на Стопанската комора на Србија (СКС), би требало да биде усогласена до крајот на годинава, вели Ненад Ѓурѓевиќ, советник на претседателот на СКС.
Говорејќи за реализација на дел од договорот меѓу лидерите на трите балкански земји, т.н. мини Шенген, кој се однесува на слободниот проток на работна сила, рече дека досега е реализирана можноста граѓаните на трите земји да патуваат преку границите само со лична карта.
“СКС го поздравува овој договор како важен поттик за бизнисмените кои работат во овие земји. Што се однесува до договорот за слободен проток на работна сила, според нашите информации, во тек е усогласување помеѓу Министерството за внатрешни работи и другите надлежни тела, а за тоа треба да се донесе одлука во втората половина на оваа година, а најдоцна до крајот на годината“, рече Ѓурѓевиќ.
Тој истакна дека тоа ќе биде пресвртна точка за Србија, Северна Македонија и Албанија.
“Се надевам дека и другите соседи ќе се приклучат, бидејќи има недостаток на работна сила во областа на земјоделството, градежништвото и текстилната индустрија. Ни пристапија некои италијански компании кои имаат многу проблеми да најдат квалитетна работна сила“ рече Ѓурѓевиќ.
Тој додаде дека по пандемијата, многу меѓународни компании, кои имаат свои ланци на Далечниот исток, размислуваат да го приближат своето производство до нивните матични компании во Западна Европа.
“Ние како Западен Балкан можеме да бидеме интересна дестинација за ваков вид деловни активности. Сепак, студија што ја направивме со Германската стопанска комора покажа дека многу важен предуслов за компаниите да дојдат да работат тука е квалификувана работна сила. Повеќе од цената на трудот и даночната политика“, изјави Ѓурѓевиќ и потсети дека СКС го разбира тоа и преку организација на дуално образование, поврзување на економијата со факултетите и училиштата, се обидува да го реши тој проблем.
Фото: Freepik