Словачка се подготвува да ја укине единствената даночна стапка од 19%, па од следната година богатите, политичарите и претпријатијата ќе плаќаат повисоки даноци.
Словачкиот парламент вчера ја зголеми стапката на данок на добивка на 23%, а данокот на доход на граѓаните кои заработуваат преку 3.300 евра месечно на 25%. Граѓаните со пониски примања и понатаму ќе плаќаат данок по стапка од 19%.
Високо рангираните политичари, вклучувајќи го и претседателот, министрите и пратениците, ќе плаќаат дополнителни 5% данок на платите во рамките на мерките кои би требало да ги зголемат буџетските приходи и да го намалат буџетскиот дефицит. Мерките вклучуваат и поголеми даноци за банките и промени во пензискиот систем.
Се смета дека единствената даночна стапка од 19%, воведена во 2004 година придонесе за економски успех на оваа земја, привлекувајќи со тоа странски инвестиции, првенствено во автомобилскиот и електронскиот сектор.