Словачкиот амбасадор Маркуш: Поддршка за земјата на патот кон членството во ЕУ, преку соработка со Народната банка

17

Словачка е силна поддржувачка на евроинтеграциските стратегиски цели на вашата земја. Оттука, предвидена е можност за воспоставување соработка во повеќе сегменти, меѓу другото и во доменот на централнобанкарското работење. Народната банка е силна партнерка за остварување на овие предвидени активности, преку размена на искуства и стекнување нови знаења во соработката со централната банка на Словачка и ѝ подаваме рака за спроведување заеднички проекти и забрзување на соработката. Ова го истакна словачкиот амбасадор, Хенрих Маркуш, на средбата со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, иницирана од негова страна, заради поддршка на Народната банка преку спроведување повеќе проекти.

На средбата, гувернерката Ангеловска-Бежоска изрази благодарност за искажаната поддршка и се осврна на воспоставените релации со централните банки од Европскиот систем на централни банки, меѓу другото и со Народната банка на Словачка, со коишто нашата централна банка неодамна успешно го заврши твининг-проектот „Jакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во ЕСЦБ”. 

“Размената на искуства со европските колеги и стекнувањето нови знаења е постојана заложба на Народната банка, што е и значајна алатка преку којашто се гради капацитетот и се зајакнува независноста на институцијата. Со ова се овозможува подобро исполнување на нашите цели и задачи, обезбедувајќи значителен придонес за развојот на економијата во полза на сите граѓани и компании”, истакна гувернерката.

Ангеловска-Бежоска посочи дека нашата централна банка во својот домен на работењето има интерес за воспоставување потесна билатерална соработка со Народната банка на Словачка, продолжувајќи ја иницијативата на нејзиниот гувернер, Петер Кажимир.

Словачкиот амбасадор Маркуш и гувернерката Ангеловска-Бежоска изразија цврсти заложби за продлабочување на соработката.