Словенечкиот амбасадор Грегор Прескер: Македонците се добредојдени во Словенија, децениската соработка е доказ за тоа

53

Словенија и Северна Македонија се важни стопански партнери. Во 2022 година, трговијата со стоки е зголемена за 14%. Позитивното економско опкружување и правичната законска рамка се клучни елементи за натамошно зајакнување на нашата билатерална стопанска соработка со акцент на инвестициите. Северна Македонија е еден од главните приоритети на Словенија во областа на развојната соработка. Од 2010 година до денес има добиено приближно 37,7 милиони евра од словенечкиот фонд за развојна соработка, вели амбасадорот на Р. Словенија во Северна Македонија,  Грегор Прескер.

Словенија издвојува најголем дел од развојната помош за младите од Северна Македонија, кои се ослободени од школарина за додипломски и постдипломски студии на словенечките универзитети. Тие го привлекуваат вниманието кон себе со своите професионални и научни достигнувања и со богатите културни активности на нивните здруженија. За успехот на македонските студенти во Словенија говори и тоа што еден од нив моментално е министер во владата на Република Словенија.

Односите меѓу двете земји се одлични уште од признавањето на независноста на Северна Македонија во 1992 година и отворањето на Амбасадата во Скопје, која беше дури и првата странска амбасада во земјата. Во текот на три децении, Словенија и Северна Македонија изградија примерни политички односи, бројни партнерства од областа на стопанството, културата, образованието, одбраната, внатрешните работи (полицијата) како и други области, вели Прескер.

На прашањето зошто се решиле за соработка на настанот „Работа и живот во Словенија“, Прескер истакнува дека сакаат странските работници кои одлучуваат да работат во Словенија да бидат добро информирани за нивните права и должности.

“Во соработка со Агенцијата за вработување на Република Словенија, можеме да обезбедиме на настанот да бидат претставени доверливи работодавци кои го почитуваат законот и обезбедуваат добри услови за работа. На тој начин, барателите на работа ќе добијат веродостојни информации за условите за работа и живот во Словенија, како и релевантна правна заштита со релевантни информации“, нотира словенечкиот амбасадор.