Словенечкиот весник Дело продаден за 7,3 милиони евра

61

delo

Преговорите за продажба на весникот Дело завршија, а најголемата новинска куќа во Словенија оди во рацете на финансиската менаџмент компанија ФМР, пишува Delo.si.

Влијателниот словенечки медиум, како што се наведува, е продаден за 7,3 милиони евра.

Новиот сопственик на весникот ќе треба дадениот износ да му го исплати на досегашниот сопственик на Дело, а тоа е концернот Пивоварна Лашко, којашто ги продаде акциите поради големите обврски кон банките.

Тамошните банки, поради финансиско реконструирање на Пивоварна Лашко, побараа главната дејност на компанијата на биде пивото, а уделот во медиумската индустрија да мора да го продаде. Пивоварна Лашко неодамна ги продаде акциите во весникот Вечер од Марибор.

“Се очекува новиот сопственик на Дело да биде одговорен и да инвестира во развој на нови производи, а сето тоа да го гради на темелите на 55-годишната историја на нашиот медиум. Кога формалниот процес на продажба ќе заврши, очекуваме новиот сопственик да ги претстави плановите за уредувачката политика на Дело“, стои во изјавата на Извршниот одбор на новинарите на влијателниот словенечки весник.

Во Дело се вработени 400 лица, од кои 150 се новинари.