Словенечките банки за пет месеци оствариле 410 милиони евра нето добивка

22

Од јануари до мај словенечките банки оствариле нето добивка од 409,9 милиони евра, што е за 6,6 отсто повеќе во однос на истиот период лани. Нето каматите продолжија да растат, додека некаматните приходи се намалија. Формирањето нето загуби и резервации значително се зголеми.

Во првите пет месеци од годинава добивката на банките пред оданочување е зголемена за 7,9 отсто на 472,4 милиони евра. Нето каматите се зголемени за 23,6 отсто на 668,6 милиони евра, додека некаматните приходи се намалени за 4,1 отсто на 258,8 милиони евра, објави Банката на Словенија во најновото објавување за работењето на банките.

Бруто приходите се зголемени за 14,4 отсто на 927,4 милиони евра. Деловните расходи се зголемени на годишна основа за 19,1 отсто на 428,6 милиони евра. Банките формираа 26,4 милиони евра нето-вредносни корекции и резервации што е за 102,3 отсто повеќе во однос на истиот период лани.

Банките благо го зголемија обемот на кредити на небанкарскиот сектор. На годишно ниво растот на кредитите на небанкарскиот сектор во мај изнесува 0,5 отсто. Кредитите на домаќинствата се зголемени за пет отсто, од кои станбените за 1,8 отсто, а потрошувачките за 16 отсто. Кредитите на фирмите се зголемени за 11,6 отсто.

Депозитите на небанкарскиот сектор на годишно ниво се зголемени за 2,8 отсто. Депозитите на домаќинствата се зголемени за 2,6 отсто, а на корпоративните за 9,2 отсто. Депозитите на компаниите во мај се намалени за 1,6 отсто, а на населението се зголемиле за 0,6 отсто.