Словенија ја зголемува минималната плата

Минималната плата во Словенија оваа година ќе изнесува 1.482 евра бруто, што е за 15,97 проценти повеќе од минатата година, објави словенечкиот министер за труд Лука Месец.

Како што пишува „Форбс Словенија“, повикувајќи се на изјавата на министерот, зголемувањето на минималната плата претставува значаен чекор напред во заштитата на стандардите на вработените, но повторно ја отвори дебатата меѓу Владата и работодавачите за трошоците за труд и распределбата на профитот.

Во исто време, премиерот на Словенија ја критикуваше реториката на некои работодавачи, велејќи дека отпорот кон зголемувањето на платите редовно се јавува „кога ќе дојде моментот да се сподели дел од профитот со работниците“.

Тој нагласи дека словенечките компании постигнале добри деловни резултати во претходниот период и дека е фер што и вработените чувствуваат дел од овој раст преку повисоки плати.

Од друга страна, дел од бизнис заедницата предупредува дека зголемувањето на минималната плата ќе ги зголеми трошоците за работење и ќе стави дополнителен товар врз компаниите, особено во трудоинтензивните сектори.

И покрај овие предупредувања, Владата на Словенија вели дека зачувувањето на куповната моќ на работниците и намалувањето на социјалните разлики е поважен приоритет, особено во услови на зголемени трошоци за живот и инфлаторни притисоци.