Словенија: На “лошата банка“ префрлени кредити во изнoс од 3,4 милијарди евра

20

evra nozici

Словенечката “лоша банка“, официјалното име на компанијата за управување со побарувањата на банките (ДУТБ), објави дека во целост го заврши преносот на околу 3,4 милијарди евра ризични кредитни пласмани од Нова љубљанска банка (НЛБ) и Нова кредитна банка Марибор (НКБМ), двете најголеми банки во државна сопственост, што е процес кој траеше во последните четири месеци.

Побарувањата на НЛБ, кои изнесуваат 2,278 милијарди евра, и побарувањата на НКБМ од 1,22 милијарди евра, се пренесени во пет транши. Во “лошата банка“ вкупно се пренесени 420 лоши кредити, за кои на банките им се исплатени 1,1 милијарди евра капитал во државни обврзници, што значи дека за побарувањата добиле една третина од сметководствената вредност на кредитите.

Од “Лошата банка“ истакнуваат дека станува збор за “огромен и комплициран проект на кој четири месеци работеа 39 соработници на ДУТБ“.

Се уште не е започнат преносот на ДУТБ на лошите кредитни пласмани на Абанка, третата најголема банка со доминантен државен капитал.

Словенечката влада на крајот на минатата година ја докапитализираше оваа банка со 348 милиони евра, а дополнителната капитализација во висина од 243 милиони евра и на преносот на повеќе од пола милијарда евра лоши кредити на “лошата банка“ чека одобрение од Европската комисија.

Словенечкиот парламент пред две години одобри основање на “лоша банка“, со цел да се ослободат кредиторите од седум милијарди евра ризичка актива и ненаплатливи кредити.