Словенија се откажува од планот за нов национален авиопревозник

54

Властите во Словенија се откажаа од плановите за воспоставување нов национален авиопревозник, користејќи средства од Европската унија. Словенечкото министерство за економски развој и технологија го потврди нацрт планот за закрепнување и отпорност којшто веќе не содржи предлог за суфинансирање на нова авиокомпанија.

Планот мора да го одобри Европската комисија за да може земјата да добие 1,6 милијарди евра бесповратни средства и 3,6 милијарди евра повратни средства за ублажување на економските последици од пандемијата.

Словенија има најголем пад на комерцијалните летови во Европа минатата година веднаш по Грузија, поради пандемијата, но и крахот на поранешната национална авиокомпанија Adria Airways на крајот на 2019 година.

Како што пренесува Ex Yu Aviation, Air Serbia изразила интерес за воспоставување база во Љубљана. Air Serbia беше третата најпрометна авиокомпанија во Љубљана во 2020 година, подобрувајќи ја својата позиција во однос на 2019 година, кога била на осмо место.

Српскиот превозник успеал да го зголеми својот пазарен удел во трансферите во Љубљана од 4% во 2019 на 10% минатата година.

Фото: Facebook