Словенија: Стрес тестот покажа дека на банките им фали 4,78 милијарди евра капитал

24

evraПо прегледот на кредитите, недвижнините и другиот имот на словенечките банки Нова љубљанска банка (НЛБ), Нова кредитна банка Марибор (НКБМ), Абанка, Банка Цеље, Горењска банка, UniCredit, Hypo, Raiffeisen, се покажа дека во случај на неповолно сценарио, на банките ќе им недостига 4,78 милијарди евра капитал, пишува словенечки Дневник.

Докапитализацијата на трите банки НЛБ, НКБМ и Абанка би изнесувала 3,01 милијарди евра. Најздрава банка се покажала UniCredit.

Според аналитичарите, ова покажува дека Словенија може да го санира својот банкарски систем без европска помош.

Во првиот чекор државата со капитални инјекции, со национализација, ќе ги поддржи НЛБ, НКБМ и Абанка. По добивање на конечна согласност од Европската комисија, ќе следува пренос на слабите пласмани на трите банки на “лошата банка”, односно Друштвото за управување со побарувањата на банките (ДУТБ). Во замена банките ќе добијат обврзници кои со гаранција на државата ќе ги издава ДУТБ. Првиот пренос ќе биде од НЛБ и НКБМ и тоа уште оваа година.