Словенија забележа мало забрзување на економскиот раст

26

Словенија забележа мало забрзување на економскиот раст во третиот квартал од оваа година, но економската динамика е многу попригушена отколку на крајот на минатата година, објави словенечкиот Завод за статистика.

Годишниот раст на бруто домашниот производ (БДП) сега изнесува 1,4 отсто, што е за 0,7 отсто повеќе во споредба со претходниот квартал, пренесува Бета.

И покрај ова, економската динамика и натаму е значително попригушена од крајот на минатата и почетокот на годинава – домашното производство е благо намалено, пред сè поради значителниот пад на инвестициите, додека на БДП позитивно влијаеше надворешнотрговската размена.

Домашната потрошувачка во Словенија е намалена за 0,4 отсто во однос на истиот период лани, а главната причина е намалувањето на бруто инвестициите од 13,6 отсто.

Бруто-инвестициите во основни средства се намалени за 8,2 отсто, а најизразен е падот на инвестициите во градежни објекти – 14,5 отсто. Инвестициите на компаниите во опрема и машини се помали за 2,6 отсто.

Ова се одрази и на секторската слика на економските движења, бидејќи градежната индустрија во Словенија забележа пад на активноста на годишно ниво од 10,3 отсто, бидејќи во вториот квартал е забележан пад од 3,5 отсто.

На БДП негативно влијаеше и движењето на залихите, кои го намалија економскиот раст за 1,3 отсто.

Финалната потрошувачка е повисока за 3,8 отсто на годишна основа. Најмногу пораснала потрошувачката во државата за 9,1 отсто, додека потрошувачката на домаќинствата е зголемена за 1,9 отсто.

Растот на личната потрошувачка е видлив во трговијата и угостителството, каде што на годишно ниво изнесува 2,5 отсто, што е значително повисоко во однос на претходните квартали. И останатите услужни дејности бележат раст од 3,7 отсто.

Надворешно-трговската размена имаше позитивно влијание врз растот на словенечкиот БДП – растот на извозот од 8,4 отсто на годишно ниво го надмина растот на увозот од 6,5 отсто.

Растот на извозот и увозот е поизразен кај стоките отколку кај услугите. Извозот на стоки порасна за 9,3 отсто на годишно ниво, а извозот на услуги порасна за 4,9 отсто. Увозот на стоки е зголемен за 6,6 отсто, а на услуги за 4,5 отсто.

По првите девет месеци од 2024 година, растот на реалниот БДП од 1,4 отсто на годишно ниво е близок до најновите прогнози на словенечките и меѓународните институции дека годишниот економски раст на Словенија ќе изнесува 1,5 отсто, што е помалку од претходните проценки.

Вработеноста во третиот квартал падна за 0,1 отсто, прва по подолг период. Со исклучок на пандемијата на корона вирусот, вработеноста во Словенија постојано се зголемува од вториот квартал на 2014 година.