
Претседателот на Надзорниот одбор на „Комерцбанк“, Јенс Вајдман, повика на преиспитување на германските правила за преземање, велејќи дека „УниКредит“ успеала да ја добие контролата врз германската банка без да им плати соодветна премија на акционерите.
Тој за „Зидојче Цајтунг“ изјави дека случајот покренува прашања за правилата што му дозволуваат на инвеститорот да стекне мнозинство иако неговата понуда не била доволно финансиски привлечна.
Од приближно 73 проценти од акциите на „Комерцбанк“ што можеле да му бидат понудени на „УниКредит“, помалку од 18 проценти од акционерите одговориле на понудата, рече Вајдман.
Институционалните и малопродажните инвеститори заедно учествувале со помалку од три процентни поени, додека останатите доаѓале од банки поврзани со „УниКредит“. Според проценката на Вајдман, италијанската банка на тој начин успеала да обезбеди мнозинство со понуда што не содржела соодветна премија за контрола, односно додаток што обично се плаќа кога инвеститорот ја презема контролата врз компанијата, пишува „Ројтерс“.
Иако периодот за прифаќање на понудата заврши, трансакцијата сè уште не е целосно заклучена, бидејќи се потребни дополнителни регулаторни одобренија пред „УниКредит“ да може да ги преземе акциите што биле понудени. Во јули, италијанската банка го зголеми својот удел во „Комерцбанк“ на околу 48 проценти, што е веќе доволно за практично да го одреди исходот од одлуките на акционерите.
Во исто време, Вајдман оцени дека германската држава засега треба да го задржи својот удел во Комерцбанк. Државата ги доби акциите како дел од пакетот за помош на банката за време на глобалната финансиска криза, па затоа, според него, на долг рок, треба да се ослободи од сопственост.
Сепак, во сегашната ситуација, тој смета дека Берлин треба да остане акционер за активно да ги претставува интересите на Германија како деловна локација.











