Канадската компанија Smart Duvet произведе паметна прекривка којашто сама се мести и ја регулира температурата. Smart Duvet Breeze прекривката се поврзува со контролната кутија преку која може да се регулира температурата. Кутијата за регулација на температурата е мала и може да се чува под креветот или на масичка покрај креветот. Температурата на прекривката се регулира со апликација преку која корисникот избира топол или ладен воздух којшто се разнесува преку воздушните цевки. Smart Duvet Breeze исто така може во исто време на едната половина да грее, а на другата да лади, пишува The Verge.
Од компанијата велат дека иновативната прекривка освен тоа што нуди удобност, го намалува потењето и спречува размножување на микроорганизми во креветот.
Цената на еколошката прекривка во претпродажба изнесува 179 долари и е поставена на платформата за групно финансирање Indiegogo, од каде треба да собере 20.000 долари. До крајот на кампањата има уште 24 дена, а веќе се собрани 132.181 долари.