Сметководителите бараат пролонгирање на поднесувањето на годишните сметки до 31 март

34

Сметководството е врската меѓу стопанството и институциите, а од неговото непречено извршување зависат сите економски процеси. Анкетата што ја направи Комората на сметководители меѓу своите членови покажа дека речи 65 % од сметководителите биле заболени Ковид-19 или биле во изолација поради контакт или заболен член на семејството. Во такви услови е јасно дека не е возможно работата да се одвива непречено и повторно се поставува прашањето дали ќе се донесе разумна одлука за  роковите за поднесување на завршни сметки и финансиски извештаи да се усогласат со европските држави или и понатаму ќе продолжи да се гази достоинството на оваа значајна професија и да се ризикува со добивање на податоци чиј квалитет не може да се гарантира поради условите под притисок под кои работат сметководителите. Од овие податоци во голема мера зависи креирањето на финансиските политики на национално ниво.

Изминативе денови Комората на сметководители спроведе онлајн анкета, која покажува дека дури 49.2% од испитаниците биле заболени од корона од почетокот на пандемијата, од кои 54,1% се токму во најкритичниот период за нас, од декември 2020 до март 2021. Или, ако овој податок го проектираме според репрезентативниот примерок на вкупниот број од регистрираните сметководители кои се околу 10.000, заболени биле 4.920 колеги, од кои 2.660 токму во критичниот период. Воопшто не е за занемарување бројката на оние колеги кои иако не биле заболени, биле во изолација поради контакт или заболен член од семејството.

Сумарните бројки покажуваат дека дури кај 64,8% од сметководители, се изјасниле дека се соочиле во сериозно нарушување на текот на работењето поради вирусот. За какви статистички податоци кон Европската Унија зборува министерот, кога поради нивната игнорантност години наназад цела професија тивко умира и просекот на возраст на лицата во професијата е над 50 години”, изјави Александра Андреева, член на Управниот одбор на Комората на сметководители.

Да потсетиме дека спроведувањето на сите економски мерки за справување со последиците од здравствено – економската криза предизвикана од Ковид – 19, беше токму на товар на сметководителите. Обврските многукратно се зголемија, а и самите соочени со болеста, знаевме дека навременото, точно и квалитетно изготвување на овие годишни сметки ќе биде претешка мисија. Од овие причини во неколку наврати од Министерството за економија, Владата и сите пратенички групи, се бараше промени во Законот за трговски друштва, во делот на роковите за поднесување годишни сметки, но ниту една од повиканите институции не одговори на барањето. Откако помина разумно време за спроведување на законски измени, повторно се побара од Министерството за економија да се пролонгираат роковите согласно член 477 од Законот за трговски друштва. Одговор сè уште нема иако минатата година институциите се повикаа токму на овој член кога на 13.03 го продолжија рокот за поднесување на завршни сметки и финансиски извештаи  до 24.03.

 Фото: Pixabay