Сметководителите повторно бараат продолжување на рокот за финансиските извештаи

64

Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори денеска на прес-конференција уште еднаш апелира да се продолжи рокот за поднесување годишни финансиски извештаи до 31 март.

Сметководителите се пожалија и дека им пристигнуваат решенија за враќање на користената финансиска поддршка во 2020 година кои се со повеќемесечно задоцнување.

Тие бараат средба со министерот за економија во врска со годишните извештаи, а до УЈП поднеле барање да ги одложи роковите за враќање на поддршката, но и да ги преземе сите чекори пред Министерството за финансии.

Комората потсети дека со години наназад укажува на проблемот за прекратките рокови за поднесување годишни сметки и финансиски извештаи, како и дека во октомври 2021 година поднела барање за навремено интервенирање од страна на министерот за економја.

„Законот за трговски друштва пропишува дека роковите за поднесување годишни сметки во Македонија се до 28 февруари за хартиено и 15 март за електронско поднесување, што споредбено со сите европски земји се далеку пократки. За споредба, во Хрватска овој рок е до 31.03, во Словенија и Германија е до 30.06, а во Франција и Шведска е до 31.07. Од овие причини, останува нејасно зошто Mинистерството за економија продолжува со игнорирање на проблемот. Комората уште во октомври 2021 година достави барање до Министерот за навремено интервенирање, повикувајќи се на правото дадено во член 477 од Законот за трговски друштва, каде што министерот може да ги продолжи роковите за дополнителен месец, без законски измени. Во меѓувреме, во повеќе наврати се побарани и средби, но очигледно нема интерес за добросостојбата на 10.000 професионалци од дејноста”, изјави Ана Тасевска, потпретседател на Комора на сметководители.

Комората очекува барањето за финансиските извештаи да се усвои што поскоро, а не како лани, последниот ден, па рокот да им се продолжи само два дена.

Во врска со решенијата за враќање на користената финансиска поддршка, прашуваат што правела УЈП изминатиот период.

„Во изминатиот период од страна на Управата за јавни приходи пристигнуваат решенија за враќање на користената финансиска поддршка во 2020 година и истите се со повеќе месечно задоцнување. Односно, иако датумот на решенијата е 24.12.2021 година, а роковите за враќање на поддршката се веќе поминати – 30.04.2021, 31.05.2021, 30.06.2021 или 31.10.2021, 30.11.2021 и 31.12.2021 година, во зависност од месеците за кои истата е користена во 2020 година. Останува нејасно што правела Управата во изминатиот период, па наместо навремено да се изготват овие решенија, истите ги добиваме кога пристигнуваат и новите рокови за враќање на поддршката користена во 2021 година кои почнуваат да течат од наредниот месец”, изјави Тања Накевска, член на Надзорен одбор на Комора на сметководители.