Во преубавиот амбиент на црквата Св. Софија во Охрид денеска беа доделени наградите за најдобар истражувачки труд и есеј од областа на осигурувањето на студентите од насоката Осигурување од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, а врз основа на конкурсот што го распиша Факултетот во соработка со брокерско осигурителното друштво СН Осигурителен Брокер АД Битола.
На свечената манифестација пред наградените студенти свое обраќање имаа Деканот на ФТУ, проф. д-р Цветко Андреески, продеканот за настава Проф. д-р Александар Трајков, раководителот на насоката Осигурување Проф. д-р Вера Караџова и Советникот за маркетинг Марија Илковска од СН Осигурителен Брокер АД Битола, кои воедно ги доделија и наградите.
Беше поздравена иницијативата на СН Осигурителен Брокер, како компанија со докажана општествена одговорност, за поддршка на научната мисла и академската заедница, промоција на значењето на осигурувањето како стопанска дејност и поддршка на работата на студентите од насоката Осигурување при ФТУ преку валоризација на нивниот труд и покажани резултати од реализираните истражувања.
СН Осигурителен Брокер АД Битола обезбеди плакети и стимулативни парични награди за најдобрите трудови.
Наградата од 20.000 денари за истражувачки труд беше доделена на Виктор Жупаноски, студент од четврта година, за трудот под наслов: Дигиталната технологија како фактор за развојот на дистрибутивните канали во осигурувањето.
Наградата од 10.000 денари за истражувачки труд беше доделена на Фортуна Муртезаи, студент од четврта година, за трудот насловен како: Осигурување од поплави. Наградите за трудовите за најдобар есеј од областа на осигурувањето беа доделени на: Емилија Тодоровска, студент од прва година, наградена со 3.000 денари; Дарко Наумоски, студент од прва година, награден со 5.000 денари; Дијана Симуноска, студент од четврта година, наградена со 10.000 денари, а најдобриот есеј од областа на осигурувањето го направи Антонио Крстевски, студент од прва година, кој беше награден со 15.000 денари.
СН Осигурителен Брокер и ФТУ Охрид најавија поинтензивна понатамошна соработка, во интерес на студентите и во насока на промоција на финансиско осигурителниот сектор во Македонија.