Снабдувањето со гас во Европа ќе биде ставено на тест следната зима

24

Големите европски енергетски компании се подготвуваат за долготрајни високи цени на гасот, намалувајќи ги изгледите за натамошни значителни падови на цените, откако благите температури и добриот капацитет за складирање на гас и помогнаа на Европа да ја преброди зимата.

Цените на природниот гас во Европа се намалени за околу 80 отсто од својот врв минатото лето, но сепак се повисоки од историските просеци, пишува Блумберг. Shell Plc рече дека очекува нестабилноста да биде краткорочна, додека Repsol SA предупреди дека високите цени би можеле да бидат структурни поради тесните грла во производството.

Centrica Plc вели дека клиентите можеби ќе почувствуваат олеснување од неодамнешните намалувања на цените, но јасно е дека на некои сепак ќе им треба помош. Пониските цени на гасот во последниве месеци им дадоа здив на крајните корисници и генераторите, овозможувајќи да се олеснат грижите за снабдување со гас и историски високите стапки на инфлација.

Благата зима овозможи многу гас за греење да остане во резерва, додека силните залихи на течен природен гас (ТНГ) им се достапни на клиентите за да го заменат прекинот на протокот на гас од Русија. Извештаите за корпоративните приходи оваа недела покажуваат поинаква слика од минатата година.

Европа сè уште се соочува со можност за недостиг на гас оваа година, доколку побарувачката не се намали, предупреди Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Пазарите на гас се во „подобра форма отколку што многумина очекуваа пред една година, но реалноста е дека зимата 2023-2024 веројатно ќе биде вистински тест“, рече извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол. Синоптичарите предвидуваат постудено време во северозападна Европа, но трговците не покажуваат грижа за падот на температурите следната недела. Референтната цена на гасот во центарот ТТФ во Холандија во четвртокот ослабе за 3,5 отсто.

Во петокот пред пладне фјучерси на гас се тргуваа по цена од 53 евра за мегават час (MWh). Истовремено, Shell Plc во својата прогноза истакнува дека побарувачката на гас во Европа ќе биде поголема од понудата до 2030 година. Според аналитичарите, зголемената побарувачка во Европа за TPG ја поттикнува конкуренцијата со Азија за ограничената нова понуда достапна во следните две години.

Аналитичарите велат дека европските земји складирале рекордни количини природен гас пред зимата и дека овие залихи драстично ја намалиле пазарната вредност на гасот. Референтната цена на фјучерсите на природен гас е намалена за околу 28 отсто од почетокот на тековната година, а гасот е за околу 85 отсто поевтин од август минатата година, кога природниот гас чинеше 10 пати повеќе од просекот.