Со 11,4 милиони денари ќе се обноват 97 излози во Старата скопска чаршија

104

Од буџетот на Министерството за економија за реализиација на проектот за уредување на излозите и рекламите во Старата скопска чаршија проект се издвоени 9.700.000 денари, а од буџетот на Општина Чаир вкупно 1.700.000 денари за обновување на излозите на 97 дуќани во Старата скопска чаршија.

“Поаѓајки од фактот дека токму оваа локација е несомнено најатрактивна за домашните и за странските туристи, сметаме дека секоја инвестиција со цел враќање на автентичноста како и нeјзината промоција и воздигнување е од клучен интерес. Непобитен е фактот дека Старата скопска чаршија има непроценлива вредност и потенцирањето на нејзините убавини и нејзината уникатност е неминовна од секој аспект. Денеска сме тука сите заедно да присуствуваме на овој свечен настан, каде што го одбележуваме почетокот на третата фаза од Проектот за Уредување на излозите во Старата скопска чаршија“, рече министерот за економија, Крешник Бектеши.

Министерството за економија во минатите години успеа во две фази да уреди 49 објекти во Блокот 3.2 во Старата скопска чаршија и со тоа да го подигне свеста кај граѓаните дека со зачувањето на автентичноста на старите објекти со што придонесе истите да бидат атрактивни за странски и домашни туристи.

“Со цел опфаќање на се поголем број на објекти обезбедивме средства за уредување на уште 97 објекти во Старата скопска чаршија за што ја задолживме Општина Чаир да ги преземе сите активности согласно Закон за отпочнување на постапката за регулирање на истите. За сите објекти Министерството за економија веке обезбеди согласности од Надлежните институци односно од Министерство за култура – Конзерваторен Центар“, рече тој.

Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу истакна дека со реализацијата на овој проект се докажува јасно посветеноста на институциите за оживување на културниот и туристичкиот живот во ова место кое секој ден ги соединува нашите граѓани.

“Токму со реализацијата на овој проект ќе помогнеме во зачувувањето на тој скапоцен труд кој е егзистенционален извор на нашата традиција. Проектот во третата фаза опфаќа санирање на излозите на 97 дуќани во вкупен износ од 11.400.000 денари, сума обезбедена во партнерство со Министерството за економија.Реализацијата ја започнуваме уште веднаш со денешното потпишување на договорот со компанијата Конструктор ДОО која беше избрана по законски спроведената јавна набавка“ истакна градоначалникот Ганиу.

Според динамиката на извршување на активностите, очекувањата се дека до крајот на годината ќе бидат обновени сите 97 излози опфатени со овој Проект.