Со донација на Еуролинк осигурување модернизирана читалната во студентскиот дом Гоце Делчев

23

03

Читалната во студентскиот дом Гоце Делчев доби нов, модерен лик благодарение на компанијата Еуролинк осигурување, која финансиски го помогна модернизирањето на просторот. Новата читална, која беше уредена со донацијата на Еуролинк осигурување од 8.500 евра, денеска беше пуштена во употреба.

Станува збор за простор со површина од 160 метри квадратни, во блокот Б, на 6 кат, кој освен што има ново внатрешно уредување, доби и комплетно нов инвентар – маси, столици и библиотека, каде што студентите можат да ги подготвуваат своите семинарски, колоквиуми и испити.

Проектот е дел од платформата на компанијата за корпоративна општествена одговорност: Еуролинк – вашата врска со вистинските вредности. Освен со финансиска донација, Еуролинк осигурување се вклучи и со логистичка поддршка, како и со креирање идејно решение за уредување на внатрешниот простор на читалната. Целта на донаторската програма на Еуролинк осигурување е да им се даде неопходната поддршка на студентите, а воедно како општествено одговорна компанија да даде свој придонес во подобрувањето на условите во самиот студентски дом Гоце Делчев во Скопје.