Со Job market сите огласи на едно место

35

Отворен е нов веб сајт Job market, каде сите ќе можат да добијат брза, навремена и релевантна информација за слободни работни места во Македонија. Сајтот е резултат на активностите на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија, со цел доближување на информациите од пазарот за труд до сите граѓани во земјава, отворени работни места, понуда и побарувачка.
„Добивањето на брза, навремена и релевантна информација од прва рака е многу важна. Прилагодувајќи се на ова темпо, Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) започнаа еден исклучително важен проект кој е во насока на зголемување на информираноста на граѓаните со можностите за вработување. Станува збор за нов веб сервис avrm.gov.mk на АВРМ, односно за новиот сајт на којшто за прв пат на едно место ја имаме понудата и побарувачката и коешто во светот е познато како job market. Овој портал ќе биде од големо значење во концептуална смисла за сите оние коишто бараат работа, и оние коишто нудат работа. На овој начин сакаме да дадеме придонес кон подобрување на информираноста за можностите за вработување и мотивираноста на граѓаните за барање на работа”, истакна министерот Спасов.
Секој што ќе се најави на веб сервисот, односно што ќе се регистрира, ќе добие дополнителна услуга, ќе може да добива известувања за огласите за вработувања по e-mail и смс, со што невработените граѓани ќе добиваат поттик да конкурираат, да бараат работа и да не се откажуваат.
Последните статистички податоци покажуваат дека во овој момент има над 4.851 слободни работни места.
Влатко Поповски, директорот на агенцијата за вработување, апелираше до граѓаните кои активно бараат работа, прецизно и точно да ги внесуваат своите податоци.
“Сите оние кои го оставаат своето CV на страната на Агенцијата за вработување потребно е да ги пополнуваат клучните информации, бидејќи на тој начин најлесно ќе дојдат до вработување”, појасни Поповски.
Во моментов во Македонија 95.279 граѓани бараат работа.