Со квалитетни податоци за потрошувачката, снабдувачот е во можност да понуди поевтина цена на електрична енергија

44
sanja 1
Сања Божиновска, директор на секторот трговија со електрична енергија во Руднап група

За само неколку дена, од 1 април, почнува либерализацијата на пазарот за набавка на електрична енергија. Тоа значи дека 222 компании ќе треба да одлучат на која од досега лиценцираните компании ќе и го доверат снабдувањето со електрична енергија. Една од нив е компанијата Руднап група, која тргува во 15 држави. Сања Божиновска, директор на секторот трговија со електрична енергија во Руднап група, вели дека Македонија иако има четири географски граници, има само три енергетски граници и е држава која е нето увезувач на електрична енергија.

БИ: Од кога Руднап група е присутна во Македонија? Може ли да ни кажете нешто повеќе за оваа компанија?

Руднап е основана во 1945 во Белград и била првата увозно извозна фирма во СФРЈ со деловни активности во повеќе од 80 држави. Во 2003 фирмата беше приватизирана и од 2007 Руднап започна со активно тргување со електрична енергија. Во 2007 беше основана и Руднап Македонија.

Групацијата Руднап се занимава со повеќе активности од кои главни се енергетика, индустрија, недвижности и аграр и има скоро 500 вработени.

Руднап е една од водечките фирми во Југоисточна Европа во областа на енергетиката и тргува во 15 држави. Седиштето на фирмата се наоѓа во Белград, каде што се наоѓа и нејзиниот trading floor. Во Белград работи стручен тим на инженери со долгогодишно искуство кое овозможува постојано испорачување на електрична енергија кон нашите клиенти 24/7. Сите вработени функционираат како еден тим кој константно се обучува, редовно се посетуваат енергетски конференции и семинари, а тука се и стручните испити кои овозможуваат работа на соодветните енергетски берзи.

БИ: Во споредба со европските пазари каде што е присутна Руднап, какви се искуствата со Македонија? Според Вашето искуство, кои држави се најголеми произведувачи, а кои најголеми потрошувачи на струја?

sanja 2Трговијата со електрична енергија е специфична област, најмногу поради тоа што енергијата не може да се складира и е поврзана со работа и тргување на енергетски берзи во регионот. Секоја држава има специфична легислатива за енергетиката и ние мора да ги исполнуваме законските регулативи. За споредба, ако имате фирма со лиценца за трговија со енергија во ЕУ, таа фирма може да работи во било која држава на ЕУ, што не е истиот случај во Македонија. Во Македонија е потребно да се има посебна локална фирма и да се добие лиценца за трговија со електрична енергија, а за процесот на либерализација според легислативата се бара и додатна лиценца за снабдувач, што е редок случај и во соседните земји. Според географската положба, Македонија иако има четири географски граници, има само три енергетски граници и е држава која е нето увезувач на електрична енергија. Исто така, за разлика од останатите држави каде што државните фирми се многу инволвирани во трговијата со електрична енергија, во Македонија тоа не е многу застапено и мислам дека мора да се работи на овој случај и да се направат многу промени од страна на Регулаторната Агенција на РМ и надлежните институции.

Во моментов цената на електричната енергија на пазарите на југоисточна Европа е повисока отколку во централна и западна Европа, при што природниот пат на напојување на земјите во опкружувањето е од Австрија и Словачка преку Словенија и Унгарија. Тука се и трите земји од регионот кои се со константен вишок на енергија – Романија, Бугарија и Босна и Херцеговина. Што се однесува до потрошувачите, тука се Грција и Романија. Македонија во 2012 година има произведено 5.813 гигават/часови струја, а потрошувачката е на ниво од 8.488 гигават/часови. Трговците кои струјата ја транспортираат до Македонија, преку Србија и Бугарија, не значи и дека ја купиле од овие земји. Патот на струјата која стигнува до Македонија, преку Србија или Бугарија, можеби е од Германија, Австрија, Чешка или каде било во Европа, се зависи од одлуката на трговците и оптимизацијата на трошоците.

БИ: Како го оценувате пазарот на електрична енергија во Македонија, со оглед на тоа дека на 1 април започнува либерализацијата? Дали сметате дека овој бизнис е исплатлив во Македонија?

Од искуството во останатите земји од регионот, кои исто така се потписнички на Атинскиот меморандум, документ според кој земјата потписничка е обврзана потполно да го отвори пазарот на електрична енергија и природен гас, помалку проблеми лежат во државните институции и компаниите – оператори на преносниот и дистрибутивниот систем и регулаторната агенција. Усвојувањето на закони, подзаконски акти и прописи тече лесно, без поголеми проблеми. Државите од регионот ја препознаваат либерализацијата на пазарот како пат кој води кон растеретување на наследството електричната енергија да се гледа како социјална категорија. Либерализацијата во земјите од регионот несомнено доведе и до благо зголемување на цената на електричната енергија. Но, во случајот со Македонија, ситуацијата може да биде и малку поинаква. Специфичноста на Македонија е во тоа што до сега една компанија беше и оператор со дистрибутивниот центар и снабдувач со електрична енергија. Во ситуација на константен дефицит на електрична енергија, ваквата двојна функција и овозможува на фирмата слободно да формира цени на среден напон, без влијание од останати потенцијални снабдувачи.

Освен меѓународни фирми кои во земјите од средна и западна Европа веќе го минаа патот на купување на електрична енергија на слободниот пазар, локалните фирми на почетокот имаат проблем со разбирањето на сопствената потрошувачка на електрична енергија, како и оптимизација во смисол на поевтинување на сопствениот дијаграм на потрошувачка. Мислам дека фокусот во проширување на уделот на либерилизираниот пазар треба да биде на константна обука и тренинг на самите потрошувачи. Она што го знаеме од искуство со соседните пазари, Србија и Хрватска, каде што Руднап група има потрошувачи на среден напон, потрошувачите немаа потреба да се грижат за историјата на потрошувачката, средување на податоци и да размислуваат како да ја оптимизираат потрошувачката. Со самото тоа што со либерализацијата на пазарот мораат да усвојат и балансни механизми на потрошувачка, кои по правило ја поскапуваат цената на енергијата, следењето на историјата на потрошувачка и оптимизација на дијаграмот се од суштинска важност како за потрошувачот, така и за снабдувачот – со квалитетни податоци за потрошувачката, снабдувачот е во можност да понуди поевтина цена на електрична енергија. Бидејќи секој почеток е тежок, а во Македонија се уште имаме неколку дена пред да почне либерализацијата, за жал сите предуслови не се дефинитивно утврдени, така да ќе мора да се почека некое време за да се каже дали овој бизнис ќе биде исплатлив.

БИ: Кои се следните планирани активности на Вашата компанија?

Руднап група од своето создавање тежи кон тоа да се усовршува, како своите вработени, така и себе како организација која секогаш ќе настојува да истражува нови граници на работење и успех. Водени со таквата филозофија, успеавме за помалку од десет години да станеме една од водечките ккомпании за трговија со електрична енергија во овој дел од Европа. Во годината пред нас, фокусот на групацијата ќе биде на малопродажниот пазар на струја, затоа што веруваме дека перспективата на овој пазар е навистина голема. Пазарите на поранешна Југославија, кога ќе се соберат, даваат околу 20 милиони жители и со фазната либерализација на пазарот гледаме значаен простор за создавање на нови дополнителни вредности во општеството и приходи за компанијата.

Паралелно со тоа, целта на групата е во периодот пред нас да отвориме нови пазари на кои претходно не сме биле присутни и така да го збогатиме нашето портфолио за нов извор на струја. Засега ни се интересни пазарите на Турција, Украина и Италија.