Со Меморандумот за разбирање помеѓу Северна Македонија и Грција, зелените коридори на ЦЕФТА -Транспортната заедница стануваат реалност на премините меѓу ЦЕФТА страните и ЕУ

59

Иницијативата за зелени коридори/ленти на транспортната заедница ЦЕФТА од сега е во функција на премините меѓу ЦЕФТА страните и ЕУ, благодарение на SEED+, Системот за електронска размена на податоци, кој е оперативен во ЦЕФТА. Г-дин Џорџ Ј. Пицилис, Гувернер на независната управа за јавни приходи на Грција и    г-ѓа Славица Кутиров, директор на Царинската управа на Северна Македонија, го потпишаа Меморандумот за разбирање за електронска размена на податоци меѓу царинските администрации на Thessaloniki Connectivity Forum ( Форумот за поврзување во Солун), организиран од Министерството за надворешни работи на Грција/Генералниот секретаријат за меѓународни економски прашања.  Потпишувањето на Меморандумот е важна пресвртница имајќи предвид дека оваа соработка служи како основа за целиот иден транспорт и трговија од ЦЕФТА страните до Грција. Оваа соработка отвора можности за понатамошно проширување на иницијативата ЦЕФТА-ТЦТ Зелени коридори кон земјите-членки на ЕУ.

SEED има клучна улога во спроведувањето на ЦЕФТА-ТЦТ Зелени коридори/ленти, па токму затоа царинските органи ќе разменуваат податоци користејќи ја платформата SEED.

SEED се спроведува од 2010 година, а подоцна истата е надградена во SEED+ подобрувајќи го  управувањето со премините во Западен Балкан, ефикасноста, но и поедноставување на процедурите.

„Во пракса, SEED и SEED+ обезбедуваат сигурни средства за размена на податоци меѓу властите вклучени во царинењето на стоката на премините, подобрувајќи ги анализите на ризик и со тоа придонесувајќи за значително намалување на времето на чекање и трошоците. Една од клучните придобивки на SEED е флексибилноста и приспособливоста според потребите на царинските администрации кои го користат“. изјави г-дин Емир Џикиќ, директор на Секретаријатот на ЦЕФТА.

Меморандумот потпишан меѓу Грција и Северна Македонија целосно ја разгледува важноста на царинските давачки и другите даноци кои се применуваат при трговијата на стоки, ја препознава потребата за прекугранична соработка и ги зема предвид целите на Регионалниот акционен план за заеднички пазар.

Г-дин Џорџ Ј. Пицилис, Гувернер на независната управа за јавни приходи на Грција изјави: „Иницијативата Зелени коридори има значителна додадена вредност, не само за пошироката трговска и транспортна интеграција на ЦЕФТА страните со соседните земји на ЕУ, туку и за царинската соработка. Царинските служби на Независната управа за јавни приходи на Република Грција (IAPR) учествуваат во спроведувањето на иницијативата – Зелени коридори. Преку Меморандумот за разбирање со Северна Македонија за пилот електронска размена на податоци пред пристигнување на стоки на граничниот премин Евзони-Богородица, имаме за цел да ја продлабочиме царинската соработка со соседната земја, како во олеснување на трговијата, така и во намалување на шверцот. Работејќи со ЦЕФТА и Транспортната заедница, се стремиме кон дополнително зајакнување на царинската соработка, како и да ја прошириме соработката со другите соседни земји, со целосно почитување на царинското законодавство на ЕУ“.

„Многу ми е драго што во годината на одбележување на 30-годишнината на нашата Царинска управа како независна служба, сме дел од овој историски настан на кој штотуку потпишавме билатерален Меморандум за разбирање за електронска размена на податоци, меѓу нашите две институции: Независната управа за јавни приходи на Република Грција и Царинската управа на Република Северна Македонија. Во овој момент, овој акт е во насока на формирање на првата зелена лента на патен граничен премин со земја-членка на ЕУ – Република Грција, користејќи ја платформата ЦЕФТА -SEED, со визија за нејзино проширување во иднина. Оваа регионална активност, односно формирањето на Зелени коридори, за прв пат беше реализирана во април 2020 година во рамките на ЦЕФТА регионот, на самиот почеток на пандемијата. Денес, нашето позитивно искуство го прошируваме на Богородица – Евзони, како клучен граничен премин меѓу нашите две земји и на паневропскиот Коридор 10. Исто така, со нетрпение очекуваме да разговараме за можностите за проширување на оваа иницијатива со Република Бугарија “, изјави г-ѓа Славица Кутиров, генерален директор на Царинската управа на Република Северна Македонија.

Иницијативата за зелени коридори ЦЕФТА-ТЦТ се очекува да биде проширена со Италија на почетокот на септември, а се очекува истата да ја следат и другите земји-членки на ЕУ.

„Првата оперативна Зелена лента помеѓу ЕУ и регионалниот партнер од Западен Балкан е своевидно крунисување на двегодишните координирани активности на бројни засегнати страни во согласност со обврските преземени на самитот ЕУ-Западен Балкан во Brdo pri Kranju. Со воспоставување на Зелените коридори прво во целиот регион, а потоа и на границите со ЕУ, го доближуваме регионот до ЕУ. Овој вид на премини се отскочна даска за уште подобро управувани граници, намалување на времето на чекање за патниците и товарот и пристапот со едно застанување на сите наши граници. Овој концепт може и треба да се примени на други гранични премини со ЕУ и би сакал да поттикнам повеќе земји-членки на ЕУ да се приклучат“, рече Матеј Закоњшек директор на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница.

Воспоставувањето на ЦЕФТА-ТЦТ зелени коридори/ленти во рамките на Западен Балкан за време на Ковид 19 се покажа како еден од најуспешните примери за регионална соработка. Форумот за поврзување во Солун ги собра претставниците на ЦЕФТА страните и соседните земји-членки на ЕУ за да ги истражат начините за ефективно спроведување на Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ и промовирање на Иницијативата за зелени коридори/ленти ЦЕФТА-ТЦТ-ЕУ. „Идејата зад Солунскиот форум за поврзување е да обезбеди можност за продуктивен дијалог меѓу земјите-членки на ЕУ и страните на ЦЕФТА за транспортно поврзување. Веќе имаме опиплив резултат, потпишување на Меморандум за соработка помеѓу Самостојната управа за јавни приходи на Република Грција и Царинската управа на Северна Македонија. Треба да се надоврземе на овој пример и да продолжиме со нашиот активен ангажман во промовирањето на одржливо транспортно поврзување“, рече генералниот секретар за меѓународни економски прашања на Министерството за надворешни работи на Грција, г-дин Јоанис Смирлис.